1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија треба повеќе да се ангажира во Мали

Коментар: Уте Шефер/ Превод: Борис Георгиевски18 јануари 2013

Европските воени инструктори ќе ја помагаат армијата на Мали. Германија испрати два воени транспортни авиони во земјата. Но, Германија нема да избегне поголем ангажман, смета Уте Шефер.

https://p.dw.com/p/17MmJ

Конечно е постигнат договор на европско ниво: 250 инструктори треба да ја обучуваат армијата на Мали и да ја оспособат за борба против исламистите во земјата. На Европа и‘ требаа повеќе месеци за оваа одлука, додека исламистите ширеа страв на северот на земјата. Смрт, мачења, егзекуции, силувања и грабежи - сето тоа луѓето во изминатите месеци мораа да го истрпат. И тоа во една толерантна земја која досега важеше за позитивен пример кога станува збор за демократскиот развој. Спротивставување на насилството со политички средства повеќе не беше можно. Французите тоа го препознаа и делуваа, додека остатокот од Европа беше зафатен со процесот на усогласување и со самите себе.

А Германија? Во годината во која се одржуваат парламентарни избори политичарите би сакале оваа тема да ја спречат. Се стравува од поширока дебата во медиумите. И тоа е една од причините зошто Германија тренира воздржаност и досега испрати само два транспортни авиони. За поголема мисија треба да одлучи Бундестагот, а во таков случај тоа би станало водечка тема во медиумите и меѓу граѓаните.

Од друга страна, можеби дебатата не може да се заобиколи. Можеби Германија треба похрабро да води. Речиси четврт век по повторното обединување, во време на асиметрични конфликти со глобални последици, Германија во безбедносно-политичка смисла е потребна и во Африка.

Deutsche Welle Chefredakteurin Ute Schaeffer altes Format
Уте ШеферФотографија: DW/P. Henriksen

Регионално буре барут

Мали има потенцијал да стане регионално буре барут. Доколку таа земја се распадне може да пламне целиот регион на Сахара. А со самото тоа и регион кој во Германија треба да биде сфатен како непосредно соседен регион.

Ризиците од евентуална мисија се големи - тоа пред се важи за француските копнени сили и за околу 3.300 војници на западноафриканската унија. Сепак, ризиците кои ќе се изродат, доколку сега не се реагира одлучно, се многу посериозни. Тоа го покажува земањето заложници во гасната централа во Алжир, што оди на сметка на терористите на Ал Каеда и исламскиот Магреб.

Дали Европа сака да гледа како толерантното Мали станува радикална исламистичка држава? Во Африка на среден рок може да се создаде исламистички терористички појас кој би се протегал од јужен Алжир и Мавританија, преку Мали и Нигер, се’ до северот на Нигерија. Досега терористичките мрежи не оперираа под заедничка управа и беа само лабаво поврзани. Но, тоа може да се промени доколку им се остави простор. Сега е важно да им се намали тој простор и да се прекинат врските кои ги имаат, како и изворите на приходи. Токму тоа може да се стори со воен ангажман. И поради тоа Германија треба повеќе да се ангажира. Мали не‘ погодува сите нас, а тамошниот развој не е само африкански проблем.