1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германката од Пештани

9 јануари 2010

Германката Илзе и Македонецот Димче цели 42 години се во брак. Ги споила љубовта што се роди во Градиште кај Пештани. Плод на германско- македонската романса е ќерката Лариса од која сега имаат три внучиња.

https://p.dw.com/p/LOfW
Илзе и Димче ЗимоскиФотографија: Milco Jovanoski

Илзе и нејзините родители првпат во Охрид дошле туристички во 1958 година. Негибнатата природа и гостопримството на луѓето ги фасцинирале.Две години подоцна започнала германско – македонската романса меѓу Илзе и Димче Зимоски од Пештани.

„Tогаш случајно се сретнавме кај црквата Богородица кај Градиште. Од кампот немаше ни трага.Ние се капевеме, а тој дојде со еден другар. Од тогаш сме во врска . Димче студираше во Белград јас во Германија и по седум години се венчавме.“, вели Илзе. Правевме две свадби, една таму и една овде во Пештани. Тоа време бевме атракција. Случајно во Охрид беше и една германска телевизиска екипа, дојдоа и направија документарец за нас, открива Димче.

Во меѓувреме се раѓа ќерката Лариса и во средината на седумдесеттите сите доаѓаат во Пештани.

„Не ми беше тешко. Јас точно знаев каде ќе дојдам.Пештани ми беше познато и се ми се допаѓаше. Семејството беше посебно добро кон мене и немав проблеми.Таков тип сум сакам да имам семејство, куќа тоа ми беше и ми е најважно“, додава Илзе.

Во Пештани поубаво од Диселдорф

Mazedonien Ilse und Dimce Zimoski
Илзе Зимоска: Се интересирам, се нервирам за се’ што се случува овде, ама во душата сум Германка“Фотографија: Milco Jovanoski

Македонскиот го учела од книгите, од медиумите и од контактите со пештанци. Се привикнала на се, па дури и на македонската кујна:„ Интересна ми беше манџата кога е заедно варена . Тоа ми беше вкусно.Во Германија се вари се посебно. Прифатив се. Свекрва ми готвеше многу добро. Таа многу работи ми покажа. Само сучење губи не научив “

Додека беа живи моите родители често одев во Диселдорф.Таму сега е сестра ми ја посетувам, се слушаме. Никогаш не се борев со носталгија, признава Илзе:

„Јас живеам овде.Се интересирам, се нервирам за се’ што се случува овде, ама во душата сум Германка“

И кога е во Германија брза да се врати назад.„Без да ги деградирам останатите градови. Но ако живеевме на пример во Штип или во Прилеп или во Скопје ќе ми беше тешко.Овде природата е толку убава, овде ми е полесно. Сега ми е овде поубаво, отколку во Диселдорф:“

Божик и Велигден ги слават два пати

Во убаво уредената куќа на Зимоски во Пештани бев ден пред католички Божик. Елката беше во фаза на китење. Чуствував возбуда и кај обајцата.Кај нас Божик и Велигден се слават двапати . Посебно внуците се радуваат.Почнавме сега и ќе славиме до Свети Јован, со радост вели Димче .Илзе со себе ги донесла тамошните обичаи. Подароците под елката и крцкавите колачиња:

„Ние бевме првите коишто почнавме да украсуваме надвор за Нова година.Овде тоа не беше обичај. Одтогаш тоа започна рапидно да се шири по сите куќи .Специфика се и колачињата. Мајка ми правеше десет разни. Годинава јас направив осум вида.Малку се суви и крцкаат кога се јадат. Не како по македонски вкус се да е меко и благо, многу благо.“

Рецепт за ваков брак не постои, вели Димче.„Што значи среќа?Ако си останал 42 години во брак, значи љубовта била вистинска и дека така било“Го напуштаме Пештани во кое за разлика од лето, сега царува тишината.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Симе Недевски