1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската автоиндустрија ја открива Македонија

Костадин Делимитов21 јули 2013

Речиси две децении по неуспешната приказна со Ауди, германската автоиндустрија повторно е окупирана со Македонија. Пропуштената шанса за производство на автомобили сега се надоместува со фирми производители на автоделови

https://p.dw.com/p/19BJM
Фотографија: FARS

Германската индустрија за производство на делови за автомобили ја открива Македонија. Двете најголеми гринфилд инвестиции „Кромберг и Шуберт“ и онаа на „Дрекслмајер“ го скршија мразот и веќе стартуваа со производство. Нивното позиционирање во земјата според македонските власти е позитивен сигнал за останатите компании од Германија, посебно во период кога движечката економија во ЕУ се соочува со недостиг на кадри и глобална економска неизвесност. Министерот за странски инвестиции во македонската влада Веле Самак, кој е главниот „виновник“ за влезот на овие две компании, за Дојче веле коментира дека за одржување на тоа темпо и постојан раст, на Германија и германските фирми им е потребен партнер како Македонија што обезбедува конкурентност, квалитетно производство и одлична бизнис клима. Релациите со Германија, според него, може да бидат позитивни и крајно продуктивни за двете земји:

„Според досегашната работа и динамика, фирмите ги градат капацитетите, извезуваат и вработуваат според првичните планови. На пример, ’Кромберг и Шуберт’ ја изгради новата фабрика во март 2013-та а веќе има скоро 700 вработени. ’Дрекслмајер’ од ноември веќе произведува во привремените хали и има над 800 вработени. Тие ќе се селат во новата хала, која е моментално најголема која се гради во Македонија од над 50,000м2, во текот на август и тековно извезуваат делови за Мерцедес. Двете фирми планираат да имаат по 1000 до 1500 вработени до крај на годината и полн капацитет од 2500 и 4000 соодветно. Како резултат на нивните инвестиции, моментално финализираме планови за еден нивни добавувач кој ќе инвестира за снабдување на овие 2 капацитети“, објаснува Самак.

Audi Mitarbeiter Produktion
Фотографија: dapd

Инвестициите на „Кромберг и Шуберт“, „Дрекслмајер“ и уште една која оваа година ќе почне со инвестиции, вкупно изнесуваат над 90 милиони инвестиции и тие ќе вработат 7500 работници во Македонија. Самак потврди, но поради деловни причини засега не открива која е германската компанија која планира да гради погон во Велес:

„Последната германска инвестиција е исто така врвен автомобилски добавувач во сферата на мехатроника и ќе инвестира 35 милиони евра во Велес со погон од 600 лица. Тие наскоро ќе почнат со градба, а со вработување од идната година. Само со овие инвестиции драстично ќе се зголеми извозот од Македонија кон Германија и ќе го продлабочиме трговскиот суфицит кој го имаме. Целта со привлекувањето на вакви инвестиции е прво отворање и обезбедување на нови работни места. Второ е зголемување на извозот и промена на структурата на тој извоз во роба која има висока додадена вредност. И трето е нормално здобивање со знаење во многу сфери како менеџерско, производно, квалитетно, итн. Во бројки, вкупно овие фирми секоја година ќе остваруваат вкупно над 150 милиони евра додадена вредност во Македонија“, вели Самак.

Германија е традиционално најголем трговски партнер на Македонија. Компаниите од оваа земја во последниве години покажуваат зголемен интерес за развој на бизнисот во земјата. Позитивен импулс секако даваат и искуствата на германските фирми кои веќе се присутни во Македонија. Последната годишна анкета за деловната клима, покажа зголемен оптимизам кај бизнисмените и подготвеност за проширување на нивните инвестиции, иако повторно беа констатирани традиционалните слабости со правната држава, корупцијата, јавната администрација. Инаку, Македонија и Германија имаат своја историја кога станува збор за автоиндустријата од оваа земја. Во средината на деведесетите години на минатиот век не успеа приказната со големиот Ауди, кој планираше да изгради фабрика за автомобили во Македонија.