1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската БНД - послушен помошник на американската НСА

Карла Блајкер/Марта Таневска7 август 2013

Се верува дека германската разузнавачка служба, БНД, доставила многу податоци до НСА - легално - но во нив не биле вклучени информациите за германските граѓани. Опозициските партии се бесни.

https://p.dw.com/p/19Kbr
Фотографија: picture alliance/AP Images

Продолжува сагата со НСА, и по неодамнешното откривање на Икскискор (XKeyscore), програмата за надгледување со која американските разузнавачи се смета дека имале неограничен пристап до активностите на интернет корисниците низ светот. Магазинот „Шпигел“, пак, објави дека Германската сојузна разузнавачка служба (БНД) им давала податоци на своите американски партнери Националната агенција за безбедност (НСА).

Според „Шпигел“ НСА добила пристап, само во декември 2012, до 500 милиони метаподатоци предадени од германските претставници за безбедност. Метадата вклучува детали за телефонски конекции и е-маил адреси.

Што знаела владата на Меркел?

Информациите на „Шпигел“ се врз основа на документите кои поранешниот соработник на агенцијата, Едвард Сноуден ги објави јавно и тие наводно покажуваат дека Американците собрале 500 милиони делови од податоци од две локации во Германија, навидум со одобрение на БНД. Операцијата се вели дека се викала „Германија - последните 30 дена“, а една од двете локации за собирање на податоците е најверојатно објектот на БНД во Баварија во Бад Ајблинг (на насловната фотографија).

Bundesparteitag Bündnis 90/Die Grünen
Ханс Кристијан Штребеле бара итна истрага за новите информацииФотографија: picture-alliance/dpa

„Тоа бара итна истрага“, вели Ханс Кристијан Штребеле, политичар од германските Зелени, кој додаде дека досега се тврдело дека Американците го напуштиле Бад Ајблинг пред многу години и ја предале контролата на Германија.

„Сега читаме дека НСА се проширила таму, добивала податоци и ги анализирала исто таму. Тоа е сосема нов развој на настаните; тоа е вест што треба да се следи“, вели тој.

Штребеле е член на Германската комисија за надзор на разузнавачките служби при германскиот парламент. Тој е фрустриран што тој и неговите колеги членови на комитетот дознале за префрлањето на податоци преку „Шпигел“. „Зошто тоа не беше откриено во парламентот, на комисијата, и на пошироката јавност? Владата игра погрешно“, вели Штребеле.

Членовите на сојузната Влада, како Шефот на кабинетот на канцеларката, Роналд Пофала, сведочеа во неделите по избивањето на скандалот со НСА пред комисијата на Штребеле како и пред Парламентарната комисија за внатрешни работи. Штребеле и останатите членови на опозицијата велат дека се зачудени како Владата не споменала ништо за големиот трансфер на податоци за време на сведочењето.

„Нема влијание врз германските граѓани“

Има видлива причина за тоа, вели Волфганг Бозбах, член на парламентот од Христијанско - демократската партија (ЦДУ). „Се мешаат две ситуации заедно“, вели Бозбах, кој раководи со Комисијата за внатрешни работи.

Wolfgang Bosbach CDU
Волфганг Бозбах вели дека претседателот на БНД никогаш не оспори дека имало соработка помеѓу германската БНД и НСАФотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот на БНД никогаш не оспори дека имало соработка помеѓу германската БНД и НСА, објаснува Бозбах, додавајќи дека во прашањата за време на сослушувањата фокусот бил на тоа дали податоците на германските граѓани биле предадени на САД. Бозбах потврдува дека такви податоци не се вмешани во случајот врз кој „Шпигел“ ја објавил својата статија: „Трансферот на податоци не ги вклучува германските граѓани туку податоците кои БНД ги собира врз основа на својата законска должност“.

БНД е германската надворешна разузнавачка агенција, што објаснува зошто прибирале податоци на странски телефонски повици и активности преку е-мејл. Претставници од БНД за ДВ потврдуваат дека, „Пред да се предадат, податоците се исчистени од каков било личен податок на германски граѓанин преку процедура од неколку чекори“. БНД додава дека тие 500 милиони делови од метаподатоци кои се во рацете на НСА ги вклучуваат само странците.

Долга соработка со НСА

Според нивните тврдења, делата на БНД се сосема легални - и соработката со американските колеги не е ништо ново. „БНД повеќе од 50 години работи заедно со НСА, посебно кога станува збор за разузнавање во кризните подрачја“, велат од агенцијата. „Соработката со НСА во Бад Ајблинг служи само за овие цели и се случува повеќе од десет години, врз основа на договор потпишан во 2002 година“.

Gisela Piltz Bundestag Abgeordnete FDP Archiv 2011
Гизела Плиц вели дека бесот на опозицијата е погрешно насоченФотографија: Imago

Бидејќи сегашната германска коалиција не беше на власт во 2002 година, Гизела Плиц, од редовите на Либералите (ФДП), вели дека вината не е врз Шефот на кабинетот, Пофала, туку врз неговиот претходник Франк-Валтер Штајнмајер од Социјалдемократска партија (СПД). Плиц вели дека е негова одговорност да ја извести Комисијата за надзор на разузнавањето за трансферот на податоци, и поради тоа, таа вели дека бесот на опозицијата е погрешно насочен.

„Според мене, опозицијата треба сама да си се обвини“, вели Плиц. „Да се преправаш дека си пожарникар, а всушност си фатен како подметнувач - не можеш да ги глумиш и двете улоги со кредибилитет“.