1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада не дозволува уцена

13 март 2007

Германските министри за надворешни, за внатрешни работи и за одбрана се категорични: начелниот став на германската влада е познат – нема да дозволиме да бидеме уценети. Политиката зборува со забележливо мирен тон, иако ситуацијата ја проценува за сериозна.

https://p.dw.com/p/Abya
Политиката во Берлин настапува со помирен тон
Политиката во Берлин настапува со помирен тонФотографија: dpa

Во Министерството за внатрешни работи не гледаат зголемена опасност за Германија, по заканите на исламистите за терористички напади против Германија. Министерот Волфганг Шојбле вели: „Ситуацијата е напроменето сериозна. Ние сме загрозени и има сили кои подготвуваат напади против нас, но за среќа, има и сили кои прават се’ за таквите напади да немаат успех”.

Колегата на Шојбле од ресорот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер проценува: „Барањата на грабнувачите на двајцата германски државјани, што беа објавени на викендот, можат да бидат дел од една целна стратегија на ескалација”.

Покраинскиот премиер на Баден Виртемберг Гинтер Етингер во ваква ситуација препорача: „Зголемена будност, но и покра тоа никаква хистерија”.

Политиката во Берлин забележливо настапува со помирен тон. Само Левичарската партија, која во Бундестагот гласаше против ангажман на борбени авиони од типот “торнадо” во Аваганистан, и сега предупредува: „Тоа, за што донесовме решение во петокот, ја доведува Германија повеќе во ситуација да биде страна во војната. Ние со нашите авиони ќе дејствуваме и на југот и со тоа ја подржуваме офанзивата на НАТО во тој дел” – вели Дитмар Барч од раководството на фракцијата на Левичарската партија.

Во секој случај, не смее да биде загрозена ни безбедноста на германските војници во Авганистан, ниту нивниот ангажман таму, што го подржуваат и раководствата на другите опозициони партии – Зелените и либералите.

Инаку, Сојузниот уставен суд од Карслруе од формални причини ја отфрли тужбата на двајца пратеници во Бундестагот од редовите на партиите на Унијата ЦДУ/ЦСУ против решението за испраќање авиони “торнадо” во Авганистан. Судиите оценија дека право на итно барање за стопирање на решението има само парламентарна фракција, а не поединечни пратеници.