1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската влада се откажа од тужбата против неонацистите

Б. Георгиевски/афп20 март 2013

Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел се повлече од одлуката за тужба пред Уставниот суд против неонацистичката партија НПД. Евентуалниот неуспех ја исплаши владата.

https://p.dw.com/p/180k8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германската влада ја повлече поддршката за забрана на неонацистичката НПД оценувајќи дека тужбата пред Уставниот суд има мали шанси за успех и може дополнително да ја охрабри радикалната десница.

Кабинетот на канцеларката Ангела Меркел соопшти дека во принцип ја поддржува иницијативата, која започна на покраинско ниво, за забрана на Национално демократската партија, но нема да се придружи на тужбата пред Уставниот суд, затоа што смета дека евентуалниот неуспешен обид за нејзина забрана ќе има понегативни последици.

Бундесратот - горниот дом на парламентот кој го сочинуваат претставници на 16-те покраински влади, во декември минатата година едногласно изгласа иницијатива за покренување тужба пред највисокиот суд за забрана на НПД.

Владата оттогаш ја одолговлекуваше својата одлука, образложувајќи дека е голем ризикот евентуалниот неуспех на тужбата да ја охрабри радикалната партија.

Лидерот на либералните Слободни демократи (ФДП), помалиот партнер во владината коалиција, во понеделникот соопшти дека неговата партија нема да ја поддржи владината тужба, оценувајќи дека се работи за погрешна стратегија во битката против екстремистите.

„Не можете да ја забраните глупоста“, изјави Филип Реслер, претседател на ФДП, кој има потекло од Виетнам.

DIHK Chancen für den Mittelstand in Russland
Филип РеслерФотографија: DW/N. Jolkver

Во 2003. година, еден сличен обид да се забрани НПД заврши неуспешно, откако за време на сослушувањето пред Уставниот суд беше откриено дека тајни агенти на германската државна служба биле инфилтрирани во партијата.

НПД е формирана во 1964 година од страна на поранешни нацисти, но никогаш не успеа да обезбеди место во националниот парламент, а на последните избори во 2009 година освои само 1,5 проценти од гласовите. Но, партијата е застапена во два покраински парламенти и поради тоа има право да добива средства од државата за своето финансирање. Новиот обид да се забрани партијата доби замав во 2011 година откако беше откриено дека една криминална група, виновна за убиство на 10 луѓе, најверојатно одржувала блиски контакти со високи партиски функционери на НПД.