1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската економија бара странски работници

Фарук Шабановиќ / Александар Методијев26 јули 2013

На германскиот пазар на труд се потребни машински и електроинженери, доктори, електро и водоинсталатери, железничари, механичари... На секои 6 месеци ќе се актуелизира листата на занимања кои недостасуваат во Германија.

https://p.dw.com/p/19EC5
Фотографија: dapd

Германскиот пазар на труд и натаму се отвора за стручњаци, но и за квалификувана работна сила од земјите надвор од ЕУ. Претставниците на Сојузното министерство за труд и Сојузното министерство за економија претставија во Берлин листа на занимања до кои жителите од земјите надвор од ЕУ ќе имаат пристап на германскиот пазар на труд.

На списокот потребни кадри, покрај лекари, машински инженери и електротехничари, се најдоа и градежни техничари, електричари, електро и водоинсталатери, железничари-мехатроничари и бројни други занимања. На берзата на труд во најголемата европска економија шанса за работа добиваат и апсолвентите, односно студентите кои завршуваат или, пак, само што ги завршиле студиите.

Потребна е квалификација

За можностите за вработување и условите кои кандидатите треба да ги исполнат, Беате Рабе од Сојузната агенција за вработување вели:

Dr. Beate Raabe Bundesagentur für Arbeit
Беате РабеФотографија: Dr. Beate Raabe

„Мора да се поседува одредено образование. Мора да се поседува баранта квалификација за работното место, а се очекува и многу добро познавање на германскиот јазик. Исто така мораат да се испочитуваат и законските регулативи за стекнување право на престој во Германија. Постои можност да се добие работа во случај кога тие занимања се многу барани во Германија, а притоа да нема доволно домашни кандидати“.

Оние кои стекнале стручни звања во Германија полесно ќе добијат согласност за вработување. Условот е стекнувањето на квалификацијата да траело најмалку две години и тоа на некоја од познатите образовни установи. Кандидатите со дипломи од земјите надвор од ЕУ ќе мораат, во согласност со сојузните и покраински уредби, да извршат признавање на дипломите и стекнатите звања. Некои од нив, како што стои во параграфот 6 од Правилникот за вработување, ќе бидат признаени само во случајот кога ќе ги задоволат стандардите кои ги бара истото звање во германскиот образовен систем.

Соодветно образование

Facharbeitermangel
Сега во Германија се бараат и водоинсталатери од земји кои не се членки на ЕУФотографија: Fotolia/imageteam

„Тоа зависи од занимање до занимање. Постојат занимања, како што се медицинските или педагошките, за кои е доволно формално признавање, но мора да се поднесе официјално барање за нивно признавање. Постојат и некои занимања за кои не е потребно формално признавање, но може да се случи работодавачот да побара стручен превод на дипломата“, истакна Беате Рабе.

Сојузната агенција за вработување на секои шест месеци ќе ја актуелизира листата на потребни занимања. Следната анализа ќе биде објавена на 31 декември оваа година, а потоа на средината на јуни 2014 година. Меѓутоа, прилагодувањето на листата ќе следува само во слчај две последователни анализи да ја потврдат потребата за проширување или кратење на листата на професии. Понудата на работни места сите заинтересирани можат да ја погледнат на официјалната интернет страница на Сојузната германска агенција за вработување (www. arbeitsagentur.de).