1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германската “РВЕ“ не достави понуда за купување на “ЕСМ“

Горан Петрески16 март 2006

Три компании доставија понуди за купување на ЕСМ-Дистрибуција. Во текот на денот тие ќе бидат отворени и бодирани, а македонската влада вечерва, на вонредна седница, ќе ја избере најповолната понуда и ќе објави кој е новиот сопственик на една од највредните македонски компании.

https://p.dw.com/p/Ac84
Електростопанство на Македонија
Електростопанство на МакедонијаФотографија: DW

На тендерот што заврши вчера попладне, се јавија чешки ЧЕС, италијански ЕНЕЛ и австриски ЕВН,а од намерата да достави понуда се откажа германски РВЕ. Портпаролот на оваа компанија, Себастијан Екерман, вели:

“По деталната проверка на сите документи, одлучивме да не дадеме понуда на овој тендер. “

Процесот на приватизација на ЕСМ и во финишот го следат прозивките за нетранспарентност. Опозицијата прашува – зошто понудите стигнати од вчера, да се отвораат дури денеска. Златко Чинговски од ВМРО ДПМНЕ, вели:

“Секое преспивање на понудите во тајните простории на владата е можен извор за сериозни нарушувања на транспарентноста на целокупната постапка и можност за манипулација, со понудувачите и понудите. “

Министерот за економија, Фатмир Бесими, со негирање на ваквите ставови:

“Апсолутно нема никаков простор за манипулација. Сите постапки, сите законски процедури се почитуваат. Единствено прашање останува дали нашите граѓани веруваат во нашиот систем и во нашите институции. “

Владата одби на јавноста да и ја открие содржината на купопродажниот договор што ќе биде потпишан со идниот сопственик на ЕСМ дистрибуција. И го даде на увид само на Антикорупциската комисија, но само под услов да не ги коментира одредбите од него. Антикорупциската комисија одби да и биде параван на владата и се огради од целиот процес. Претседателот на комисијата, Михајло Маневски вели:

“Па, јас не знам што би било тајна во тој договор и зошто јавноста не треба да знае. Секако дека доставувањето на договорот, со таков услов за држење на тајност на податоците, очигледно претставува едно алиби на власта за овој договор, заради тоа што очигледно, како што и порано беше известена јавноста, тој договор требаше да им биде ставен на увид на граѓаните.“

Повлекувањето на државната Антикорупциска комисија фрли уште една дамка на процесот на приватизација. Поголем дел од домашните експерти се противеа на моделот на приватизација и повторија дека на Македонија ќе и се потвори искуството пд продажбата на ОКТА и Телеком.