1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска градба по балкански „тертип“

19 февруари 2010

Неверојатна е листата на криминал и јавашлак која излегува на виделина при изградбата на новата линија на подземната железничка станица во Келн. Проектот се претвори во катастрофа за градот на Рајна.

https://p.dw.com/p/M51l
Од урнатините на келнскиот Архив на површина испливаа криминал и корупцијаФотографија: Maksim Nelioubin

Железните прегради и потпорните столбови се краделе во голем стил и се продавале како старо железо, се штедело на цемент при изградбата, а фалсификувани биле и протоколите и записниците од градилиштата. Притоа се урна и зградата на градската архива, со илјадници вредни документи. Сето тоа не се случува во некоја земја од Третиот свет. Во прашање е Келн, четвртиот по големина град во Германија, една од најбогатите земји во светот.

Секојдневно на виделина излегуваат нови, неверојатно податоци за измамите и кражбите при изградбата на линијата на новата подземна железница. Целата приказна се разви кога се урна зградата на Архивот, во кој беа чувани оригинални документи од две илјадната историја на градот, од неговите римски почетоци до денес. Зградата се наоѓаше во непосредна близина на едно од градилиштата. Со истрагата која следуваше се откри дека градежниот проект кој требаше да го смени лицето на градот, се претворил во финансиска и организациска катастрофа.

На одредени места, од пропишаниот број на железни потпорни столбови и прегради биле поставени само 17 проценти, а останатите 83 отсто биле украдени и продадени како старо железо. Парите некој ги ставал в џеб. За 28 подземни столбови биле извршени нецелосни мерења, а потоа биле доставени фалсификувани резултати. Според изјавите на дел од работниците, се штедело и при бетонирањето. Или се користело премалку бетон, или за бетонот биле користени минимални количества цемент.

На крајот експлодираа и трошоците за изградбата. Наместо предвидените 630 милиони евра, трошоците скокнаа на најмалку една милијарда.

Во опасност доведени и околните згради

Flash-Galerie Karneval 2010
Карневалски „опис“ на скандалот со подземната железница во КелнФотографија: picture-alliance/dpa

Веднаш по откривањето на скандалот се појави загриженост и за зградите во должина на целата подземна мрежа.

Претседателот на инженерската комора на Северна Рајна Вестфалија, Хајнрих Бокамп предупреди: „Ништо не може да се исклучи додека не ги добиеме точните податоци. Уште не знаеме колкава е издржливоста на ѕидовите, но доколку е потребно веднаш ќе преземеме мерки“.

Притоа, се размислуваше и за радикални потфати, како евакуација на тој дел од градот, на пример. Критичниот период беше одржувањето на карневалот на почетокот на неделава. Се размислуваше и за промена на традиционалната траса на карневалот, нешто што за локалните жители е неприфатливо. „Опасност не постои, и таа никогаш и не постоела“, радосно соопшти претседателот на управата на локалниот превозник, Јирген Фенслер.

Но тоа беше проценка за денот на карневалот, а подоцна се покажа дека таа се темелела врз ниското ниво на реката Рајна. Во меѓувреме нивото на Рајна порасна и тоа може да доведе до попуштање на преградите. „Сите информации говорат дека зградите по должина на трасата се сигурни“, изјави портпаролот на фирмата „Билфингер Бергер“ која раководи со проектот, Мартин Билесбах.

На граѓаните на Келн сега им останува само да се надеваат дека тоа е навистина така. Но неспокој веќе ги обзема граѓаните на Диселдорф. Конзорциум предводен од фирмата „Билфингер Бергер“ сега таму почнува со изградба на нова линија на подземната железница.

Автор: Зоран Арбутина/Борис Георгиевски

Редактор: Александра Трајковска