1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германска поддршка за турски писател

Сенада Соколу/ Симе Недевски3 август 2013

Во Истанбул повторно е обновен процесот против писателот со германски пасош и со турско потекло, како и борец за човечки права, Доган Акханли. Делегација од Германија отпатува за Турција за да му пружи поддршка.

https://p.dw.com/p/19JJe
Фотографија: Senada Sokollu

20-члената делегација од Германија видно разочарана ја напушти судницата. Толку сакаше да го види Доган Акханли како слободен човек. Членови на германски партии, борци за човекови права и уметници- меѓу кои и новинарот и автор Гинтер Валраф- отпатуваа за Истанбул, за да го следат обновениот процес против писателот со турско потекло Доган Акханли, кој живее во Келн. Самиот Доган Акханли не присуствуваше на процесот од страв дека би можел да биде уапсен.
Акханли уште во 2011. поради недостаток на докази е ослободен од обвинувањето за вооружена кражба со смртен исход во една менувачница во Истанбул од 1989 година. Касацискиот суд во Анкара во февруари 2013. ја поништи ослободувачката пресуда и случајот го пренесе на Кривичниот суд во Истанбул. Првиот ден на процесот (31.7.) не донесе ослободувачка пресуда за Акханли, туку меѓународен налог за негово апсење и одложување за 4. октомври.

Налог за апсење

Како млад политички активист Акханли за прв пат бил уапсен во 1985 година. Бил член на илегалната „Револуционерна комунистичка партија на Турција“ (ТДКП). По повеќе од две години во воениот затвор, Акханли е ослободен. Во 1999 година со своето семејство пребегал во Германија, каде добил статус на политички бегалец. Во Келн работел како писател. Во своите книги масакарот над христијанските Ерменци во Османлиското царство го означил како геноцид- што во Турција важи за разбивање на табу и е казниво дело.
Во 2010. е уапсен на аеродромот во Истанбул, кога сакал да го посети својот многу болен татко. Од истражниот затвор е пуштен дури по 4 месеци. Во налогот за апсење- некогаш и сега- се работи за кражба од 1989. во која еден човек го загубил животот. Случајот на почетокот бил затворен веќе по 3 седмици. Дури 3 години подоцна, во 1992, е повторно отворен. „Синовите на убиениот, кои ја преживеале кражбата, не ме идентификуваа како учесник“, вели Акханли во разговорот за ДВ. „Но сега Касациониот суд го образложува обновувањето на процесот со тоа дека сето тоа било одамна и оти повеќе не можат да се земат во предвид изјавите на сведоците. Не го разбирам правното образложение“, вели писателот.

Инциденти во судницата

„Ситуацијата со документите е катастрофална“, нагласува Бериван Ајмас, политичар од Партијата на зелените и член на германската делегација која во име на кампањата „Правда за Доган Акханли“ отпатува за Истанбул. „Документите се полни со грешки и апсурдни обвинувања. Фактот дека и покрај тоа не се инсистира на ослободувачка пресуда, е причина за голема загриженост“, вели Ајмас.
Пред судењето дојде до инциденти во кругот на делегацијата. Турската полиција на почетокот на неделата неколку часа го притвори Клаус Милер од германската партија на левицата, поради неговото гласно протестирање против отстранување на спомен-плочата на жртвите од протесното движење во паркот Гези. И во тек на процесот дојде до вербални несогласувања со персоналот на обезбедувањето. На германскиот новинар Гинтер Валраф му беше забрането да шепоти и му беше искажана закана за отстранување од судницата.

Ослободувачка пресуда?

Валраф е бесен поради обновениот процес. Тој случај го споредува со случајот на авторката со турско потекло Пинар Селек. Нејзините ослободителни пресуди турскиот суд ги поништуваше 4 пати, во 2013. е осудена на доживотен затвор. Во случајот Акханли постои врска помеѓу острото постапување на турското судство против него и неговото ангажирање за „ерменското прашање, со кое се занимава во своите романи и театарски претстави. Кај Пинар Селек станува збор за правата на жените и малцинствата, војската како таква и методите за кршење на волјата од социолошки агол', вели Валраф.
И самиот Доган Акханли повлекува паралела помеѓу себе и Пинар Селек. „На 4. октомври секако би можел повторно да добијам ослободувачка пресуда. Сметам дека станува збор за чудна игра на турската политика. Тоа често беше така“, вели тој.
Во меѓувреме, судот издаде меѓународен налог за негово апсење, но „Акханли не мора да биде предаден“, објаснува неговата бранителка Сенур Бајбуга. Во секој случај мора да се спречи германскиот државјанин Акханли да патува во Турција. Ако отиде таму, е изгубен, предупредува адвокатот.

Zum Fall Dogan Akhanli Menschenrechtler Schriftsteller Prozess Günter Wallraff Istanbul Türkei
Германскиот новинар Гинтер ВалрафФотографија: Senada Sokollu
Schriftsteller Dogan Akhanli
Доган АкханлиФотографија: picture-alliance/dpa