1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот банкарски систем поотпорен од американскиот

Ролф Венкел22 октомври 2008

Во германскиот банкарски систем работите, споредбено со состојбите во некои други земји, се’ уште се прилично мирни. Причината за тоа лежи во предностите на самиот систем, кои произлегуваат од неговата структура.

https://p.dw.com/p/FbDn
Банкарскиот кварт во ФранкфуртФотографија: AP

Во германскиот банкарски пејсаж, со тек на векови, израснаа три различни столбови, се формира систем кој во денешната банкарска криза се покажа како постабилен од другите. Приватните деловни банки ги опслужуваат сите целни групи, деловни подрачја и региони. Покрај нив, пред се’ во земјоделството и занаетчиството, се формираа и таканаречените кредитни задруги. Од нив настанаа сегашните Фолкс- и Рајфајзенбанки, кои имаат најголема мрежа во Германија со околу 1250 филијали. Трет столб се штедилниците. Тие имаат јавен налог - треба да ги снабдуваат со кредити средниот сталеж и граѓаните; кај нив не е врвна цел постигнување добивка, оти сопственици се државата и покраините.

Прекоруваниот систем доживува ренесанса

Често пати се искажувани прекори за ваквиот систем. Приватните банки се жалат поради конкурентските предности на јавните банки: тие можат да се рефинансираат под поповолни услови, оти зад нив стои државата. Но, тој критикуван систем сега доживува ренесанса. „Оваа криза на пазарот на финансии е многу далекусежна, многу сериозна и ја оптоварува и Германија. Но, нема никаков повод за сомневање во стабилноста на германскиот финансиски систем. Германскиот систем на универзални банки се покажа како поробустен и поотпорен отколку американскиот, со чисто специјализирани банки. Тие сега ќе дојдат на конструкцијата од универзални банки, на која ние сме одамна“ - рече пред три недели во Бундестагот сојузниот министер за финансии Пеер Штајнбрик.

Deutschland Finanzkrise Rettungspaket Peer Steinbrück im Bundestag
Министерот за финансии ШтајнбрикФотографија: AP

Граѓаните веруваат во сигурноста на заштедите кај штедилниците

Се разбира, и германски банки се лизнаа на дубиозните американски хипотеки. Тоа беа приватни деловни банки и покраинските банки - врвни институти во системот на штедилници, кои сакаа да играат голема улога на меѓународен план, па сега мораат да отпишат милијарди. Но, од тоа туку-речи воопшто не се погодени широко застапените Фолкс- и Рајфајзенбанки. Штајнбрик нагласи: „Германските штедилници, и покрај заслабнатата конјунктура и финансиската криза, во првото полугодие дури им доделија повеќе кредити на претпријатијата отколку во истот период лани. Вака постигнатата стабилност е предност на честопати прекоруваниот модел со три столбови овде во Германија“.

Тоа го чувствуваат и граѓаните и ги носат парите каде што се тие сигурни.Така германските штедилници дури и профитираа од светската криза на финансиските пазари. Според една анкета, од крајот на септември, за само две недели, влоговите кај штедилниците пораснаа за повеќе од милијарда евра - само во Хамбург се внесени нови 500 милиони, во Келн 355, во Диселдорф 200 милиони евра.