1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот извоз на рекордно ниво

АТ/ дпа/ афп/ ројтерс8 февруари 2013

Германија изминатата година продаде многу повеќе производи во странство, отколку што купи. Суфицитот во 2012 година е втор највисок од 1950 година до денес.

https://p.dw.com/p/17avm
Фотографија: Christian Spahrbier

Во 2012 година Германија извезе производи во вредност од околу 1100 милијарди евра и увезе стока во вредност од околу 900 милијарди евра. Според податоците на Заводот за статистика експортот во споредба со претходната година се зголемил за 3,4 проценти, додека импортот за 0,7 проценти.

Суфицитот од 188 милијарди евра е втор највисок откако се води статистика, од 1950 година. Досега највисокиот постигнат суфицит од извоз е регистриран во 2007 година, пред избивањето на финансиската криза и изнесуваше 195 милијарди евра.

Поголем извоз во Европа

Трговијата со другите држави на Европската унија и во измината година сочинуваше околу две третини од целокупниот германски извоз и увоз.

Поради должничката криза во Европа извозот во земјите на еврозоната е сепак намален за 2,1 процент. Со оглед на тоа што Германија истовремено увезе за 0,7 проценти повеќе производи од овие земји, се намали нерамнотежата со германското стопанство во еврозоната. Затоа Германија го зголеми извозот на стока во останатите држави на ЕУ вон еврозоната (за 3,3, проценти), но пред се’ надвор од Европа. Извозот на Германија вон Европа е зголемен за околу девет проценти, додека увозот од овие земји е зголемен за само 0,4 проценти.

Во Јапонија помал суфицит

Денеска (08.02.2013) и јапонската влада ги објави бројките за надворешната трговија. Според нив скапиот јен негативно се одрази врз експортот на јапонските производи во измината година. Вкупниот суфицит изнесува само 38 милијарди евра. Ова е најниската вредност од 1985 година. Бројките од претходните години, според јапонската влада неможат да се споредуваат, бидејќи биле пресметувани по други методи.