1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот моден концерн „Ескада“ пред банкрот

12 август 2009

Еден од најугледните германски концерни на полето на модата „Ескада“ се наоѓа пред банкрот. Според најавите од Минхен, пропаднал и последниот обид да се најде компромисно решение со доверителите.

https://p.dw.com/p/J8IS
Што ќе остане од модниот концерн со 2.300 вработени?Фотографија: AP

Модниот концерн „Ескада“ не е жртва на светската финансиска и економска криза. Тој прво ја загуби довербата на богатите муштерии, потоа на акционерите, а на крајот и на доверителите. Тие, имено, вчера не беа подготвени да се откажат од половината од добивката на една позајмица од околу 200 милиони евра. Со тоа, во вода паѓа целиот план за спас на модниот концерн од Минхен.

Портпаролот на претпријатието Франц Елснер посочи: „Факт е дека ’Ескада’ изминатите години не се развиваше така како што тоа го налагаше пазарот на мода за дами. Кога такво нешто ќе се случи, тогаш очигледно станува збор за промашување на вкусот на муштериите.“

Prinz Charles heiratet Diana
„Принцезата на срцата“, Лејди Ди, ја прослави „Ескада“Фотографија: AP

Ескада, имено, во најдобрите времиња - во 80 и 90 години од 20-тиот век - беше име од светски глас, што се носеше со производители како „Прада“. За славата на „Ескада“ во голема мера придонесе и фактот што нејзините луксузни модели ги носеше и Леди Дијана.

Во тоа време, на чело на концернот се наоѓаше познатата дизајнерка и соосновач на концернот, Маргарета Леј. Под нејзино раководство моделите на „Ескада“ ги освојуваа богатите купувачи со изразени бои и посебен дизајн. Затоа тие често се појавуваа на гламурозните забави на телата на холивудски ѕвезди, како Ким Бесинџер или Деми Мур.

Автор: Ралф Шмидбергер / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска