1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот стандард е загрозен од брзото стареење

15 февруари 2012

Економскиот учинок на Германија, според оценката на ОЕЦД, е извонреден. Во наредните години, меѓутоа, моделот на пораст мора да се реформира или се заканува пад.

https://p.dw.com/p/143Tm

„Дојдовме за да честитаме. Добро направено, само продолжете така, тоа е нашата порака.“ Анхел Гуриа, генерален секретар на Организацијата за економска соработка и развој, не ја криеше одушевеноста при претставувањето на актуелниот економски извештај за Германија. Економскиот учинок на земјата во изминатите години бил извонреден и многу земји можат да го преземат рецептот што го овозможи ваквиот успех - реформи на пазарот на работна сила, флексибилни и конструктивни социјални партнери и промислена буџетска политика.

ОЕЦД за годинава на Германија и‘ прогнозира само 0,4 проценти пораст, што е значително под проценките на германската влада која прогнозира 0,7 проценти, но Германија по економските проблеми во светот на крајот на 2011 година, веќе во втората половина од 2012 година може да смета на благ пораст.

Пазарот на работна сила мора да се реформира натаму

Колку и да е убава актуелната слика, успесите, како што е познато, брзо можат да паднат и во заборав. „Германија не треба да спие не ловорики“, рече Гуриа во Берлин. Економскиот пораст во земјата, на почетокот на наредната деценија би можел да падне на под еден процент, доколку не успее запирањето на рапидното стареење на општеството. Додека вработувањето во 34 земји на ОЕЦД во периодот од 2016 до 2025 година ќе се зголемува за половина процент годишно, на Германија и‘ се заканува недостиг од работна сила. Затоа земјата мора итно да работи на привлекување на повеќе стручњаци, доколку сака да го задржи стандардот.

OECD-Wirtschaftsbericht, Jose Angel Gurria
Анхел ГуриаФотографија: picture-alliance/dpa

Според ОЕЦД, повеќе жени би требало да работат со полно работно време, а постарите работници треба да се анимираат на подолг работен век. Ниско квалификуваните работници одат многу често предвреме во пензија. „Една од можностите оваа група да се задржи подолго на работно место е да се реформира пензискиот систем“, се вели во извештајот. „Ако вредноста на пензиските поени кај лицата што заработуваат малку на крајот на работниот век се зголеми, тогаш може да се спречи сиромаштија во староста и истовремено да се запре предвременото пензионирање.“

Конкуренцијата не спие

Освен тоа, Германија во иднина мора да привлече повеќе стручна работна сила од странство. Феликс Хифнер, раководител на одделот за Германија во ОЕЦД, предлага значително намалување на границата на личен доход што мора да ја исполнува еден стручњак од странство за да работи во Германија,. Сега таа граница изнесува 66.000 евра. Од министерството за труд се слуша дека за стручњаците во бранши во кои има многу непополнети работни места во иднина границата ќе се спушти на 33.000 евра. За останатите групи таа граница би изнесувала 48.000 евра.

Zunehmende Alterung bedroht Sozialsysteme
Се‘ повеќе стари луѓе - реформа е итно неопходнаФотографија: picture-alliance/ dpa

Покрај повеќе мигранти, ОЕЦД предлага и реформа на стопанството во економија заснована врз знаење. Во конкуренцијата со земјите во забрзан подем во Азија и Латинска Америка, конкуренцијата ќе биде голема токму во делот на индустриското производство. Затоа мора значително да се зајакнат услужните дејности и внатрешната побарувачка.

Автор: Сабине Кинкарц / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска