1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот уставен суд одлучува за судбината на еврото

Дафне Гратвол / Жана Ацеска11 јули 2012

Дали германскиот Уставен суд ќе го торпедира фондот ЕСМ и ќе го загрози еврото? Правниците и политичарите цел ден ги одмеруваа ставовите. Политички, правни и економски натегања со голема тензија.

https://p.dw.com/p/15VBB
Фотографија: Reuters

Се работеше само за усна расправа пред и онака само привремената одлука во итна постапка. Оваа итна постапка се однесува на тоа дали германскиот претседател треба да ги потпише и со тоа да ги стави во сила законите во врска со ЕСМ и Фискалниот пакт или постапката да мирува до конечната одлука во врска со проблемот. Но, привремената одлука може да покаже накаде ќе се движи конечната одлука на судиите. Претходно од Брисел и од Берлин стигнаа отворени предупредувања кон Судот во Карлсруе доколку судиите ги прогласат за неуставни инструментите за спас на еврото.

Итната постапка требаше да расчисти што е полошо: привремено стопирање на инструментите и потоа констатирање во главната одлука дека тие сепак се уставни, додека во меѓувреме финансиските пазари ќе потонат во хаос? Или пак алтернативно - прво да се ратификуваат ЕСМ и Фискалниот пакт, а потоа да се констатира нивната неуставност, иако потоа нема да може да се укинат како меѓународни договори?

Bundesverfassungsgericht Verhandlung ESM Fiskalpakt
Германскиот министер за финансии Волфганг ШојблеФотографија: Reuters

Ваквите прогнозирачки одлуки се тешки, истакна претседателот на Уставниот суд, Андреас Фоскуле во воведот.

Се работи за многу пари: 17-те држави потписнички на ЕСМ на фондот му ставаат на располагање вкупно 700 милијарди евра. ЕСМ треба да го замени ЕФСФ, односно да стане постојана поддршка на државите кои ќе се најдат во економски и финансиски тешкотии. По најновиот ЕУ-самит кон крајот на јуни, од ЕСМ треба директно да можат да бидат помагани и банките. Фискалниот пакт ги обврзува државите од една страна на избалансирани буџети, а од друга страна на воведување во нивните устави на кочница за нови задолжувања. Контролна инстанца треба да биде Европскиот суд во Луксембург. Само оној кој се придржува на Фискалниот пакт, има право на пари од ЕСМ.

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во Карлсруе лично ги бранеше одредбите на ЕСМ и Фискалниот пакт. ЕСМ е поефикасен инструмент од ЕФСФ, а за Германија значи помал дел од гаранциите. Одлагањето на ЕСМ и Фискалниот пакт ќе води до значително губење доверба во еврозоната, а сомнежот во спасувачките желби може да ги засили кризните симптоми, предупреди Шојбле.

Покрај финансиските аспекти, одлуката во Карлсруе има и друг аспект-се работи за основните прашања на демократија. Зашто, преку ЕСМ се поткопува основиот принцип во еврозоната дека ниедна држава не мора да ги плаќа долговите на другите. Освен тоа, државите би биле неограничени гаранти, зашто во договорот за ЕСМ е пропишано дека Советот на гувернерите, централното тело на ЕСМ, може самостојно да го зголеми основниот капитал од сегашните 700 милијарди евра. Освен тоа, договорот за ЕСМ, барем според тврдењата, не може да се откаже. Фискалниот пакт на ЕУ и‘ отвора широки можности за влијание врз националните буџети. Сите овие околности меѓутоа го засегаат правото на националните парламенти во врска со буџетот, со што националните држави не можат слободно да располагаат со својот буџет.

Symbolbild Euro-Rettungsschirm
Фотографија: picture-alliance/dpa

ЕСМ требаше да стапи во сила на 1. јули 2012. година, Фискалниот пакт на почетокот на 2013. година. Но, роковникот е веќе поместен - кон крајот на јули се очекува привремената одлука на Уставниот суд. Додека Судот да ја донесе конечната одлука, ќе поминат месеци. Какви последици би имала таа ако гласи дека ЕСМ и Фискалниот пакт се против германскиот устав, не може да се предвиди. Германија е одговорна за речиси една третина од капиталот на ЕСМ-таа плаќа околу 22 милијарди евра директно во постојаниот чадор за спас, а треба да има на располагање 168 милијарди како гаранции. Најголемиот плаќач под одредени услови би требало да го промени уставот така што ќе може да ги примени ЕСМ и Фискалниот пакт.

Потоа останува прашањето дали Германците воопшто ќе се согласат на ваков пренос на надлежноста во буџетските прашања на парламентот.

Уставниот суд му придаде големо значење на одмерувањето на последиците уште сега при усната расправа, а секако така ќе биде и во главната расправа. Одлуката не е едноставна, истакна претседателот на Судот, Фискуле, но појдовна точка ќе биде основниот закон.