1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот филм високо котира во Македонија

21 октомври 2010

Вљубениците во филмската уметност во Македонија деновиве имаат ретка можност да уживаат во германскиот филм. Во рамки на шестата ревија на новиот германски филм скопската публика во 7 дена погледа 14 филмски проекции.

https://p.dw.com/p/Pjss
Филмот „Папата Јована“ беше прикажан во Скопје

„Пријателство“, „Германија 09“, „Џон Рабе“, „Папата Јована“, „Никогаш не сум бил олку среќен“ „Да не ти се верува одеднаш го снема ѕидот“, се дел од насловите на фестивалот, кој во Скопје заврши со проекција на едно македонско остварување.

Станува збор за документарниот филм „Тутуноберачката“ на познатиот режисер Билјана Гавранлиева која веќе неколку години живее и работи во Германија. За реализација на ова 35 минутно дело кое ја наполни салата во киното Фросина во Младинскиот културен центар во Скопје, најзаслужен е германскиот телевизиски канал ЗДФ, кој целосно го финансирал проектот, објаснува за Дојче веле Огнен Антов, директор на филмот:

„Ова е втор филм на Билјана кој комплетно е покриен од германската телевизија со тоа што дури и третиот фил кој што го работевме со неа е околу 60% покриен од германска гледна точка. Реално среќата е што со германска поддршка ние успеваме како автори да работиме во Македонија и имаме некаква предност заради тоа што некој друг има повеќе слух на моменти да ја разбере работата што ја работиме отколку што е случај локално, бидејќи темите што се снимани во овие филмови колку и да се македонски и снимани во Македонија, се универзални и светски“, вели Антов.

Logo ZDF Zweites Deutsches Fernsehen
Вториот канал на германската телевизија целосно го финансира проектот „Тутуноберачката“ на Билјана Гавранлиева

Задоволство од големиот интерес на скопската публика

Мотото на фестивалот, кој е во организација на Германската амбасада во Скопје и Про кредит банка е 20 годишнината на германското обединување. Организаторите се презадоволни од оствареното и големиот интерес на публиката:

„ Ни успеа ми се чини тој голем настан, 20 години од обединувањето да го прикажеме на еден интилегентно комичен начин, преку интересни и весели филмови на таа тема. Станува збор за нови филмови, снимани претежно во 2009 година. Имавме еден серијал од 13 кратки филмови, собрани во една проекција за сите тие 20 години низ призмата на различни германски режисери, меѓу кои и познатиот германско-турски режисер Фатих Акин“, вели Хајке Јовески од германската амбасада во Скопје.

Традиционалната ревија продолжува и во 2011

Manaki in Mazedonien
Благоја Куновски (десно) вели дека германскиот филм има се поголема популарност во МакедонијаФотографија: MIA

Филмскиот критичар Благоја Куновски, кој е еден од првите иницијатори за ревијата на Германскиот современ филм во Македонија потенцира дека германскиот филм добива се‘ поголема популарност не само во македонски, туку и светски рамки:

„ Со самиот факт дека оваа ревија самостојно се организира во Арт киното Фросина во МКЦ и врвното присуство на современиот германски филм во рамките на фестивалот ’Браќа Манаки’ со многу лауреати кои биле и ќе бидат присутни, тоа покажува колкав е интересот на македонската публика за светскиот, европскиот филм и во рамки на европскиот една од водечките кинематографии како што е германската. Само да кажам дека еден од великаните на германската кинематографија, Михаел Балхаус, е добитник на нашата награда за животно дело Златна камера 300“, вели Куновски.

Инаку фестивалот на новиот германски филм, покрај Скопје, Штип, Тетово, Прилеп, Битола, годинава за прв пат се одржува и во Кавадарци. Организаторот најавува дека фестивалската традиција продолжува и во 2011 година.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска