1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германскиот јазик е секси

Корнелија Рабиц20 декември 2008

Во Германија, во моментов, се води жестока јавна расправа за улогата на јазикот. Сосема случајно токму овие денови во Бон е отворена изложба за богатството, разновидноста и историјата на германскиот јазик.

https://p.dw.com/p/GH4G
Фотографија: Thomas Jahn

Најстариот експонат е еден врв на копје од седмиот век, кој е испишан со старо германско писмо. Најмалиот експонат е една друштвена игра од 18 век, а „најсвежиот“ е еден колач со шегаџиски натписи подготвен од страна на една бонска слаткарница.

„Еден од најинтересните експонати секако е индустрискиот робот, кој вообичано се користи во процесот на производство на автомобили и кого група уметници го преработила во робот кој може креативно да пишува. Неговиот софтвер поседува стотици поими и граматика врз основа на кои тој може да создава сопствени текстови“, вели Јирген Рајхе директот на Музејот на германската историја во Бон и кустос на изложбата „Се зборува германски“.

„Германскиот јазик е толку убав...“

Ausstellung "Man spricht deutsch" im Haus der Geschichte Bonn
Јазикот како средство за подобра интеграција на доселеницитеФотографија: Stiftung Haus der Geschichte

Станува збор за мала но многу шаренолика, забавна но истовремено и многу поучна поставка за развојот, промените проблемите и конечно за убавината на современиот германски јазик. Посетителот не е пасивен консумент, туку активен корисник. Тој може слободно да составува сопствени текстови, може да разменува книги или да слуша поезија и приказни.

Многу експонати се скриени во фиоки или зад мали врати. Кога ќе се отворат, посетителот може да гледа и слуша за најразлични теми, на пример за миграцијата.

„Првата германска песна, што ја имам слушнато, беше песна од Ерих Фрид и одеднаш сфатив дека германскиот јазик е толку убав“, вели една посетителка од кинеско потекло. Еден Африканец, кој подолго време живее и работи во Германија, пак, истакнува: „Искрено кажано, не знам дали мисловно малку се погерманчив“.

Јазикот е жив организам

Tokio Hotel bei den MTV Latin Video Music Awards
„Токио хотел“ во моментов е еден од најпознатите германски бендови во светотФотографија: AP

Филмовите презентирани на изложбата го документираат јазикот на политиката и на рекламите. Еден оддел е посветен на специфичностите на јазикот во Германската Демократска Република.

Авторот на изложбата Јирген Рајхе се радува поради разновидноста на изложбата. Јазикот, вели тој, е жив организам. Тоа важи и за германскиот јазик. Тој на скептиците им порачува:

„Ширум светот германски јазик говорат 120 милиони луѓе. Ако го земете толковниот речник ’Дуден’ од 1850-та година, ќе видите дека во него има 8.500 зборови. Ако го земете денешниот ’Дуден’, во него има 150 илјади зборови. Јас не мислам дека германскиот јазик е загрозен од надворешните влијанија. Тоа доаѓа и заминува и такво нешто имало отсекогаш“, вели Рајхе.

Некои експерти сметаат дека германскиот јазик има мало значење, со оглед на тоа дека не е доволно распространет во светот. Рајхе сепак е оптимист.

„Мислам дека оваа изложба е мала реклама за германскиот јазик. Таа ќе биде преземена од Гете институтот и осум години ќе биде прикажувана ширум светот, од Токио преку Сеул, Париз, па се’ до Москва. Сметам дека настаните како Светското првенство во фудбал во 2006 година, но и музичките групи, како на пример ’Токио хотел’ придонесуваат за тоа многу луѓе, кои не живеат во Германија, да сметаат дека германскиот јазик е секси и да посакаат да го учат“, истакнува Рајхе.