1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските градови страдаат од напливот на сиромашни мигранти

Михаел Лаутон / Александар Методијев11 октомври 2013

Германските градови се жалат дека мигрантите од сиромашните земји од ЕУ ја искористуваат предноста на социјалниот систем во Германија. ЕУ вели дека Германија профитира од имиграцијата и не треба да се жали.

https://p.dw.com/p/19xcF
Фотографија: picture-alliance/dpa

Големите германски градови, како Берлин, Манхајм и Дуизбург се справуваат со голем број на сиромашни луѓе од Бугарија и Романија, двете најсиромашни земји во ЕУ, кои се доселуваат во евтини живеалишта со супстандардни улови и добиваат месечно парична помош од 190 евра по дете. Тоа можеби не е многу за просечниот Германец, но за многу од имигрантите тоа е повеќе отколку што би добиле дома. Иако тие мораат да заминат по три месеци, доколку не најдат работа, сепак доаѓањето во Германија е исплатливо.

Но, грижите се зголемуваат, бидејќи од почетокот на следната година Романците и Бугарите ќе можат да добиваат редовна социјална помош за време на тримесечниот престој. Градовите стравуваат дека „имиграцијата поради сиромаштија“ ќе добие епидемиски размери.

Рајнхолд Шпаниел, директорот на Одделот за труд, социјални работи, спорт и човечки ресурси во општина Дуизбург, вели: „Во моментов ова ми е најголемиот социјален и политички проблем“.

Но, Европската комисија објави еден извештај во кој вели дека Германија нема причина да се жали и дека земјата всушност има полза од имиграцијата од земјите во ЕУ.

Германците размислуваат поинаку

Според тој извештај, имигрантите од ЕУ сочинуваат помалку од пет проценти од оние кои добиваат социјална помош во Германија, што е ист сооднос како во Финска, Франција, Холандија или Шведска. Најголем дел од мигрантите, според извештајот, се во семејства во кои барем еден член оди на работа. Истражувањето заклучува дека „речиси нема докази оти граѓаните од ЕУ мигрираат во друга земја-членка со цел да профитираат од социјалните системи во таа земја, туку во најголемиот број случаи тие мигрираат од семејни или професионални причини“.

Roma in Bulgarien
Ромите во Бугарија живеат во многу лоши условиФотографија: AFP/Getty Images

Еврокомесарот за труд Ласло Андор за веб-страницата на „Шпигел“ изјави: „Голем дел од Романците и Бугарите работат и придонесуваат за растот на Германија, плаќаат даноци и социјални придонеси, а трошат и пари“.

Шпаниел се согласува дека многу висококвалификувани Бугари и Романци доаѓаат во Германија, но тоа не е негов проблем. „Миграцијата поради сиромаштија потекнува од економските проблеми дома, заедно со дискриминацијата, што ги тера луѓето да заминат од дома и да дојдат во Германија“, вели Шпаниел.

Многу од нив се Роми кои живеат во очајни услови во својата татковина. Тие често немаат професионални квалификации, некои се неписмени и доаѓаат во градови како Дуизбург, бидејќи таму кириите се ниски. Шпаниел во разговорот со Дојче веле тврди дека „газдите изнајмуваат душеци за 10 евра од ноќ. Имигрантите не одат во Диселдорф, Штутгарт или Хамбург, бидејќи кириите таму се многу високи“. Дуизбург во моментов е дом на 8.500 такви мигранти, а 500 нови доаѓаат секој месец.

Deutschland Roma in Duisburg Rheinhausen
Фотографија од протестите на левичари против десничарската Про НРВ, која на крајот на август организираше протести во Дуизбург против доселувањето на РомитеФотографија: picture alliance/AP Photo

Нови правила?

Според Кристоф Бутервеге, експерт за сиромаштија на Универзитетот во Келн, „тоа може да биде проблем за одреден град, посебно за градовите кои имаат недостаток од финансии“. „Но, ако се гледа од поширока перспектива, ако се гледа на Германија како целина, тогаш има доволно пари за справување со проблемите“, вели Бутервеге.

Но, германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих инсистира дека ЕУ мора да направи повеќе, како воведување на закон со кој на Германија би и’ се дозволило да ги спречи тие луѓе да се враќаат, ако од нив било побарано да заминат поради тоа што не нашле работа.

„Секој оној кој сака да извлече корист од нашата социјална помош не треба да биде во можност да ја користи предноста на слободата на движење“, изјави германскиот министер Фридрих за весникот „Велт“.

Одговорот на Бутервеге беше остар: „Фридрих треба да прекине со изборната кампања. Тој ги искористува тие сироти мигранти за кампања, со цел да се претстави како остар човек, но тој треба да признае дека тие се жители на ЕУ. Тој сака само слобода на движење на капиталот, но слободата на движење на луѓето е многу позначајна“.

Иако се наоѓа под притисок, Шпаниел вели дека не сака да се промени законот. „Тие луѓе имаат исто право на движење какво што имаат и Французинот или Англичанецот, но ние едноставно не можеме да се справиме со проблемот на ресурсите во Дуизбург. Нам ни треба помош од сојузната влада и од ЕУ“, нагласува Шпаниел. Тој предупредува дека треба да се внимава „да не се преоптовари социјалната инфраструктура“. „Веќе имаме случаи на населби кои не се во можност да се справат со тоа“, вели Шпаниел.