1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските производители се главно задоволни од минатогодишните остварувања во САД

13 јануари 2005

Саемот на автомобили во Детроит, со терминот на одржување на самиот почеток од новата година, покрај можност да се пласираат пред јавноста новитетите, традиционално е место и за сведување на билансите од претходната година.

https://p.dw.com/p/AePb
Рекордна година за Порше на пазарот во САД
Рекордна година за Порше на пазарот во САДФотографија: AP

Најбитната информација за Германија, според далекусежните и долгорочни последици, се однесува на една марка која всушност воопшто ни не е застапена на саемот: Опел. Рик Вејганер, шеф на концернот Џенерал Моторс, кон кого припаѓа Опел, не сакаше да се изјасни дали 12 илјади работни места предвидени да се укинат, ќе биде конечна бројка во рамките на мерките за штедење. Ако не бидат остварени поставените цели, мора да се оди на нареден чекор, рече тој, напомнувајќи дека тоа не мора нужно да значи и затворање на некоја фабрика. Во секој случај, резултатот на марките на Џенерал Моторс во Европа тој го оцени како разочарувачки.

Германските произведувачи на брзи, силни и скапи автомобили имаат причини за славење. БМВ оствари плус од осум проценти, и покрај економската криза во САД и високиот курс на еврото во однос на доларот. Тајна на успехот, според претседателот на Управниот одбор Хелмут Панке, е стратегијата да се нудат автомобили со јасен имиџ: “Ако од тоа може нешто да се извлече и за други претпријатија, други марки, тогаш можам само повторно да кажам дека мора да се има свест за сопствениот имиџ".

Слична е ситуацијата и кај Порше: во 2004-та е постигнато зголемување од 11 проценти и таа е рекордна година за продажбата во САД. Најголем удел во успехот има моделот Кајен, од кого се продадени дури 40 проценти повеќе, отколку во 2003-та година. Претседателот на управниот одбор Венделин Видекинг во деловниот резултат гледа потврда на долгорочната стратегија: "Сега се исплати извозната иницијатива што ја лансиравме на почетокот од 90-тите години како битен столб на стратегијата на концернот".

И ДајмлерКрајслер бележи рекордна година во Америка, како со марките на Крајслер, исто така и со Мерцедес Бенц, со кого инаку има проблеми на другите пазари. Во концернот се надеваат дека новата генерација на возила од таканаречената М-класа, всушност луксузни џипови, ќе го зацврсти успехот во Америка, но како важен резултат го сметаат пред се‘ новиот подем на групата Крајслер.

Лошо стои бизнисот на Фолксваген со пад од 15 проценти и загуба која би можела да достигне и до една милијарда. "Ова ме води кон цената, зашто е важно ние да останеме на нашите корења во областа на помалите автомобили”, вели претставник на концернот, што практично значи дека овој производител не смее да пречекори одредени граници на цените, за и натаму да биде прифатен како “Фолксваген”, како народска кола. Многумина во САД сметаат и дека е грешка што моделот на луксузен џип Туарег не бил произведуван како Ауди, зашто иако добро се продава во САД, сепак не се вклопува во имиџот на Фолксваген и како Ауди би можел да постигне повисока цена.

Ауди исто така бележи пад кој изнесува пет проценти, но е резултат на смената на моделот кај А6. Шефот на Ауди Мартин Винтеркорн е оптимист дека со новите модели, кон кои на есен ќе се надоврзе и луксузен џип, ќе биде надоместено пропуштеното.