1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските стопанственици се многу задоволни од ангажманот во Македонија

Зоран Јордановски13 декември 2013

Добра деловна клима, „рајски“ даночни услови во споредба со германските - искуствата на германските фирми во Македонија се позитивни. Притисок врз политиката да се ангажира за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.

https://p.dw.com/p/1AYRq
Фотографија: DW

Годишните средби на Здружението за Источна и Централна Европа се поволна можност за претставување на погодностите што им се нудат на потенцијалните инвеститори од Германија во други земји. Во здружението со седишта во Хамбург и Берлин членуваат претежно претпријатија, но исто така и министерства, други заинтересирани здруженија и поединци. Тоа во моментов има преку 270 членови, меѓу нив и фирми како Тисен/Круп, Дојче банк, Комерцбанк, Сбербанк, Метро, РВЕ, Е-ОН Рургас, Алстом, Ернст и Јанг и други. Цел на Здружението е да им дава подршка на германски стопанственици кои се деловно ангажирани или сакаат да се ангажираат во странство. Во моментов со тоа се опфатени 29 земји од Источна Европа, Централна Азија и Кавказот.

Македонија и Словенија ја искористија шансата да се претстават како земји-почесни гости на годишната средба за 2013. „Годинава и’ дојде редот на Југоисточна Европа. Се разбира, тоа се релативно мали земји во споредба со земји како Русија или Полска, но ние имаме членови кои работат во Македонија и Словенија или имаат намера деловно да се ангажират во нив и сакавме и ним да им излеземе во пресрет“, изјави д-р. Герд Ленга, претседавач на Друштвото за Источна и Централна Европа, во разговор за Македонската програма на Дојче веле.

Какви искуства имаат германските стопанственици од ангажманот во Македонија? „Имаме добар одглас“, вели Ленга за сознанијата што ги добиваат во Друштвото од разговорите со тие стопанственици. „Дури воопшто не може да се зборува за проблеми. Мене не ми се познати“, истакна тој. „Од она што го слушаме од германските претставници, очиглено деловната клима е добра. И, ако го имам предвид на германскиот даночен систем, тогаш таму мора да е како во рај“, сликовито укажа д-р Герд Ленга на предностите и поволностите што на германските стопанственици им се нудат во Македонија.

Шанса за малите компании

Од тој агол погледнато, занимливо е зошто тогаш нема повеќе германски инвеститори во Македонија, односно колкаво е интересирањето во меѓувреме. „Германските инвеститори прво го гледаат пазарот. Македонија е мал пазар и затоа за големи фирми, на пример за производители на автомобили, не доаѓа предвид. Но, секако е интересна и примамлива за други, помали претпријатија, ако видат и дека таму има соодветна работна сила за нивните потреби“, објаснува Ленга.

Symbolbild Investitionen in Lateinamerika
Македонија е мал пазар и затоа за големи фирми, на пример за производители на автомобили, не доаѓа предвид.Фотографија: Fotolia

Членство на Македонија во ЕУ и НАТО секако би ја зголемило довербата на потенцијалните инвеститори за вложување во Македонија. Ако веќе рамковните услови и досегашните искуства се толку позитивни, дали од стопанството би можел да дојде притисок до германската влада за повеќе да се заложи за надминување на пречките за евроатлантската интеграција на Македонија? „Секако дека германското стопанство се обидува да изврши притисок врз политиката, но во однос на Источна Европа во овој период не бевме многу успешни. Да се надеваме дека ќе биде подобро со новиот министер за надворешни работи“, рече д-р Герд Ленга во разговор за Дојче веле.