1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските студенти-готови за штрајк

18 јули 2009

Германските универзитети се наоѓаат пред пресврт: со болоњската декларација се укинаа старите студиски насоки и се воведе нов систем. Покрај тоа, студентите мора и да плаќаат за своите студии. Велат ќе преземат мерки.

https://p.dw.com/p/Ir1E
Студентите во Бон протестираа во јуниФотографија: AP

Студентите велат: „Бечелор студиите за нас значат многу стрес, бидејќи сите оцени се земаат предвид“, „Идејата за студии признаени во цела Европа е добра, недостасува само да се имплементира“, „Тоа значи дека човек има се` помалку време, дека присуството на предавањата е задолжително и дека мора да се прават многу тестови. Велат дека сега треба да биде полесно студентите да можат да отидат во странство, но реалната ситуација е многу поинаква.“

Студентите на Универзитетот во Бон изгледа дека не се задоволни од ситуацијата во која се наоѓаат. Во моментов, на германските универзитети се случуваат промени кои ги загрижуваат студентите. Следен е болоњскиот процес, чија цел беше бечелор и мастер студиите да се етаблираат како споредбени студиски програми во сите земји, со што на студентите би им се овозможила поголема мобилност во земјата и странство. Со тоа се формираше една нова структура, која стои наспроти старите студиски програми во Германија: магистратура и диплома, кои им овозможуваа повеќе слобода на студентите во изборот на предметите. Но, токму таа преголема слобода кај некои студенти доведе до губење на професионалната ориентација, цели денови минати на факултет и понекогаш и прекин на студиите. Поради тоа, целта на новововедените структури беше и да се намали бројот на оние кои прекинуваат со студирање.

Тешко е да се студира и да се работи

Deutschland Bildung Hochschule Spitzenuniversitäten
На мастер студиите има место само за 20 отсто од апсолвентите на бечелорФотографија: AP

Според експертот за образование од Хановер, Михаел Лешченски, целта на болоњскиот процес се` уште не е достигната. „Мислам дека студентите на бечелор програмите ги сметаат студиите делумно за ограничувачки, напорно организирани и севкупно тешки да се завршат. За тоа има различни причини: наставните програми донекаде се ригидни. Денес е потешко од аспект на организација и тоа придонесува за стрес. За студентите се предвидени 40 часа неделно учење, а покрај тоа многу од нив мора и да работат“.

Досега не е исполнета и една друга цел: ангажирање на повеќе стручни предавачи. За активистите на „Акција за државен штрајк во образованието“ тоа се доволни причини за штрајк. Во јуни, студентите од цела Германија штрајкуваа заедно со учениците. Една недела беше организирана алтернативна програма за училиштата и универзитетите. Учество зедоа меѓу 150 000 и 250 000 студенти. Лаура Клинк, студентка од Триер, опишува една од важните причини за штрајкот - задолжителното присуство на предавањата: „Ако бидеш отсутен двапати или трипати од некое предавање или семинар, можеш да заборавиш на семинарот, можеш да се откажеш. Никој не го интересира поради кои причини си бил отсутен. Болоња е принцип на континуирано учење, на кој секој треба да се прилагоди, без разлика дали некому му треба помалку или повеќе време за учење. Учењето е секогаш индивидувално, тоа никогаш не се зема предвид.“

Бесплатно образование за кое плаќаат студентите

Studenten beim Lernen
За учење се предвидени 40 часа неделноФотографија: picture-alliance/dpa

Оваа ситуација за студентите знае да биде мошне стресна и пред се` да бара многу време. Се` потешко е, покрај студиите и да се работи. Згора на ова се и давачките за школарина, кои од 2005 година ги воведоа сојузните покраини. Оттогаш, германските студенти мора секој семестар да платат до 500 евра за да можат да студираат. Освен ова, поборниците на „Акција за државен штрајк“ критикуваат дека нема доволно место за сите кои сакаат да студираат: во моментов на мастер студиите би имало место само за 20 отсто од апсолвентите на бечелор студиите.

Сепак, реформите во високото образование во Германија во основа не се грешни, вели експертот за образование Лешченски. И покрај се`, смета дека некои нешта треба да се подобрат: „Бечелор студиите не мораа задолжително да траат 6 семестри, туку требаше да се дозволат и бечелор студии од седум и од осум семестри. Исто така и начинот на модуларизацијата на студиските програми може да се направи уште подобар. Модуларизацијата води до експлозија на бројот на испити и носи значителен стрес. Тука би морале да се подобрат нештата.“

Ова се целите и на акцијата за државен штрајк во образованието. За да им се слушне гласот, активистите планираат да преземат дополнителни мерки во цела Германијa.

Автор: Кристине Штротман / Ана Алибегова

Редактор: Жана Ацеска