1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските тајни агенти сепак биле во Ирак за време на војната...

12 јануари 2006

но испраќале соодветни инфиормации за германската влада, а не за американските воени сили.

https://p.dw.com/p/Ac9r
Шефот на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер
Шефот на дипломатијата Франк Валтер ШтајнмајерФотографија: AP

Ваквата усогласена изјава дојде денеска од прозваниот Министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер, кој вотоа време беше координатор на германските тајни служби по функција, како и од раководтсвото на засегнатата разузнавачка служба БНД.

Франк Валтер Штајнмајер го потврди денеска во Берлин присуството на германските разузнавачи за време на ирачката војна во 2003-та година, но истовремено ја исклучи можноста тие да ја поддржувале американската офанзива со разни информации. Задача на преостанатите соработници на тајната служба во Ирак беше да обезбедат минимум информации за текот на воените дејства поради општиот развој на настаните во кризното подрачје и особено поради германските специјални единици за одбрана од атомско, биолошко и хемиско оружје, кои во време на војната беа стационирани во соседен Кувајт.

Што се однесува до конкретните обвинувања, што се појавија во дел од американските и германските медиуми, дека германски разузнавачи дури испратиле конкретни информации за бомбардирање на еден ресторан во Багдад, каде наводно во моментот се наоѓал Садам Хусеин со неговите синови, на што уследил смртоносен напад со 23 жртви, портпаролот на БНД го отфрли ваквото тврдење како неточно. По деталната проверка во службата за разузнавање дојдено е до заклучок дека никој од нејзините припадници не доставувал координати за бомбардирање одредени цели. Таков вид соработка со САД немало – категорично тврди портпаролот на БНД. Истото за весникот Ди Велт го тврди и поранешниот координатор на тајните служби Ернст Урлау. Германските разузнавачи не им пружија на американските сили никаква активна помош во одбирањето на целите за напад, нагласи Урлау.

Поранешниот шеф на германската дипломатија Јошка Фишер изјави денеска во Верлиц дека нема никави сознанија за учество на германски разузнавачи во американските операции во Ирак, но нагласи дека е важно да се расветли реалната состојба. Претставникот на неговата Партија на Зелените во Парламентарната комисија задолжена за контрола на работата на тајните служби, Ханс Кристијан Штребеле, изјави оти претпоставува дека обвинувањата во медиумите сепак се реални. Верувам дека тие соодветствуваат на вистината, бидејќи има премногу конкретни детали, посочи Штребеле, нагласувајќи дека не верува оти тоа било договорено со тогашната влада во Берлин. Шефот на Зелените Рајнхард Битикофер, пак порача дека ако некој на политичко ново сепак бил одговорен за тоа, тогаш мора да сноси и последици:

„... тоа се неверојатно тешки обвинувања. Ако е тоа вистина, тогаш БНД дејствувала во спротивност со волјата на Парламентот и на мнозинството германски граѓани. Затоа аферата мора да се расчисти без задршки„ – нагласи Битикофер, кој како и повеќе други политичари во официјален Берлин се изјасни за формирање парламентарна истражна комисија за овој случај.