1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските фирми стравуваат од американската шпионажа

Џенифер Фражек/ Симе Недевски4 јули 2013

Аферата околу американската шпионажа ги вознемири германските претпријатија. Дали под маската на борба против тероризмот американските тајни служби шпионирале и компании?

https://p.dw.com/p/191dU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Довербата помеѓу САД и Германија е разнишана поради аферата за наводното американско прислушкување на германската влада и институциите на ЕУ. Германските политичари реагираат разлутено на очигледно многу распространетото прислушкување кое ги опфаќа телефонските разговори и електронската пошта и бараат итно објаснување. На крајот од краиштата, Германија и САД се сметаат за меѓусебни партнери.
Негодувањето изгледа претерано, дури и одглумено. Но и покрај тоа останува прашањето зошто Агенцијата за национална безбедност (НСА) собира толку обемни податоци- станува збор за околу билион телефонски и интернет податоци месечно. И за што ги користи?.

Одбраната од тероризмот само изговор?

Членот на германската владејачка партија Христијанско- социјална унија (ЦСУ), Ханс Михелбах, смета дека можните прислушкувања на институциите на ЕУ се алармантни : „ЕУ не е поттикувач на терористи, но е силен конкурент на светскиот пазар“. Тој поради тоа вели дека мора да се стравува оти не се прислушкувани само институциите на ЕУ , туку и европски и германски фирми за САД да добијат „неправедна предност“. Министерката за заштита на потрошувачите Илзе Аигнер предупредува на тоа дека заедничката борба против тероризмот се претвора во „тројански коњ“ со кој се прикриваат „активностите на економска шпионажа и шпионирањето на владите.“
Германските претприемачи изразија загриженост и шокираност од размерите на шпионирањето: „Уште порано имаше сомнеж дека безбедносните служби во странство можат да снимат разговори и комуникации преку интернет. Доколку се точни медиумските извештаи, димензиите на сето тоа се застрашувачки“, вели претседателот на Здружението на работници за безбедност во економијата, Фолкер Вагнер.

Можноста создава крадци

Слично реагираа и други здруженија на претприемачи. Тие бараат објаснување за тоа кои податоци се снимаат и на кој начин понатаму се користат. Засега само се сомнева дека „ноу-хау“ на одделни фирми исто така би можело да е проследувано натаму. Украдени технологии или идеи и онака често се појавуваат со години подоцна на конкурсите или во други земји.
Веќе и самиот обем на податоците дава потстрек за злоупотреба, вели Вагнер. „Мора да се размисли за тоа дека американските тајни служби вработуваат голем број луѓе на неопределено време, слободни соработници и советници. Се проценува дека во околината на Вашингтон во безбедносните служби работат 1,5 милиони службеници.“ Дали тие се придржуваат кон правата и законите, Вагнер не може да процени. Заклучоците кои здруженијата на претприемачи и безбедносните служби ги извлекуваат од оваа афера се различни. Рајнер Глац од Здруженито на германски производители би сакал освен објаснување за користењето на податоците да биде усвоен и меѓународен договор со кој ќе биде регулирана заштитата на податоци и правото на интелектуална сопственост.
Но на тоа поле компаниите мораат сами да бидат активни. Кога станува збор за тоа како да ги заштитат своето „ноу-хау“ не можат само да се потпрат на државата. Техничките можности како што е Фајервол се веќе присутни во бројни фирми кои се во ова здружение. „Освен тоа и вработените мораат да бидат подучени за тоа како да го заштитат знаењето на фирмата“, вели Глац.
Ханс Минелбах има поинакво мислење. Тој предлага да се размисли за тоа како европските конзорциуми можат да станат противтежа на економската сила на САД. Фолкер Вагнер пак ја одбива таа идеја: „Европа не може така едноставно да излезе од глобалната интеракција.“
Всушност претставниците на американската и европската економија во иднина би требало повеќе да соработуваат. Имено, планирано е формирање на зона на слободна трговија меѓу ЕУ и САД. Германскиот министер за економија Филип Реслер соопшти дека Германија и натаму има интерес од таков вид партнерство со САД. Но тој рече дека аферата со шпионирање претставува оптоварување за тој вид соработка. „САД е сега повикана брзо да одговори на обвинувањата и да стане потранспарентна.“ Штетата поради шпионирањето на фирми само во Германија се проценува во милијарди. Консултантската фирма за безбедност „Корпорејт Траст“ проценува дека само во 2012 година таа изнесувала 4,2 милијарди евра.

Bildergalerie Whistleblower
Фотографија: AFP/Getty Images
Volker Wagner Arbeitsgemeinschaft für Sicherheit der Wirtschaft
Претседателот на Здружението на работници за безбедност во економијата, Фолкер Вагнер.Фотографија: Telekom