1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските шефови се се‘ поголеми оптимисти

ЖА/дв/дпа/афп25 јануари 2013

Во германското стопанство во јануари продолжува да расте оптимизмот. Индексот ИФО, важен показател на деловната клима, расте трет пат по ред.

https://p.dw.com/p/17RZz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Расположението кај германските стопанственици се подобрува во јануари трет месец по ред, поттикнато од очекувањата дека најголемата европска економија брзо ќе ги надмине слабостите од крајот на годината, покажа истражувањето на институтот ИФО, објавено денеска.

Индексот на деловна доверба, што го изработува влијателниот институт ИФО во јануари порасна на 104,2 поени, од 102,4 поени забележани во декември. Економистите предвидуваа дека индексот ќе достигне 103 поени.

Најголемо подобрување е забележано во сегментот очекување за наредниот период. Овој индекс во јануари се зголемил на 100,5 поени, од 98 поени во минатата година.

„Германското стопанство стартува полно со надеж во новава година“, изјави Ханс-Вернер Зин, претседател на институтот ИФО.

Овие податоци укажуваат на промена кон подобро. Со тоа растат и укажувањата за повторен поголем раст на германската економија во оваа година. Четвртиот квартал во 2012 година таа забележа напредок од само 0,5 проценти

За индексот на деловната клима ИФО секој месец анкетира околу 7 илјади претпријатија.

Економистите од различни банки во најновиот индекс гледаат потврда на конјуктурен пресврт.

„Фирмите во 2012 година потфрлија. Но, кога ќе се отстранат инвестициските кочници, германската заштеда повторно ќе потече во германските проекти“, смета Јерг Цојнер, главниот економист на Германската банка за развојна помош. Тоа може да и‘ помогне на еврозоната на почнатиот пат на излез од рецесијата.