1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски проект за македонските ученици

7 мај 2010

Пет училишта во Македонија од синоќа (06.05.2010) станаа дел од германската иницијатива PASCH, „Училишта - партнери на иднината“, програма која има за цел изучување на германскиот јазик и култура.

https://p.dw.com/p/NGqf
Голем интерес кај македонските ученици за германскиот јазикФотографија: Petr Stojanovski

Со германски песни и рецитали, ученици од пет основни и средни училишта во Скопје и‘ се заблагодарија на германската држава што добија можност да бидат дел од глобалниот едукативен процес. Основните училишта „Владо Тасевски“ и „Јохан Хајнрих Песталоци“, и трите гимназии „Јосип Броз Тито“, „Георги Димитров“ и „Браќа Миладиновци“, се првите образовни институции во Македонија кои станаа дел од иницијативата PASCH, односно „Училишта- партнери на иднината“. Станува збор за проект, формиран по иницијатива на германското министерство за надворешни работи, кој има за цел најмладите во светот да го изучуваат германскиот јазик и одблиску да се запознаат со германската култура. Петте училишта кои веќе три години го работат овој проект со поддршка на Гете институтот, добија посебни плакети од страна на германската амбасадорка во Македонија, Улрике Кноц.

Германска поддршка и инцијатива од училиштата

Раководителот на Гете институтот во Скопје, Томас Дикхаус за Дојче веле ја објаснува целта на проектот:

„PASCH значи партнерска училишна иницијатива која веќе е присутна во 1500 училишта во светот. Таа е создадена на тој начин што во неа можат да учествуваат најдобрите училишта во земјата, кои имаат добар профил и кои се ангажирале за Германија. Веќе две години работиме со училиштата. Без наша поддршка овој проект не може да се спроведе, но истовремено потребна е и иницијатива од училиштата“.

Die deutsche Botschafterin Ulrike Knotz in Skopje
Улрике Кноц, германска амбасадорка во СкопјеФотографија: Deutsche Botschaft Skopje

Од министерството за образование, објаснуваат дека идејата е покрај задолжителното изучување на англискиот јазик од прво одделение, децата да добијат можност да учат втор, во случајов германски јазик. Весна Хорватиќ, директор на Бирото за развој на образованието ја потенцира важноста на поддршката на Гете институтот, која покрај обуки на наставничкиот кадар содржи и техничка помош:

„Правиме напори овој проект да стане системско решение, бидејќи крајната цел е на учениците да им се овозможи континуирано изучување на германскиот јазик, така што тие би можеле да се запишат на факултети во Германија“.

Мостови меѓу Македонија и Германија

Директорката на основното училишта Владо Тасевски, Елизабет Солтирова, каде веќе трета година се реализира проектот, смета дека добиената плакета е признание за соработката со Гете, но и обврска за натамошни активности во насока на градење мостови меѓу македонската и германската култура. Интересот кај учениците е голем, но местата се ограничени: „Интересот е голем, но поради ограничениот број на ученици, најпрвин моравме да правиме селекција по изјаснување, па дури и по пат на жребка“, вели Салтирова.

Проектот PASCH во моментов е дел од пет училишта во Македонија, но според најавите во оваа иницијатива наскоро треба да се вклучат уште неколку образовни центри. Германските паралелки, како своевидни клонови на проектот се присутни во уште десет училишта во Македонија.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Жана Ацеска