1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски топ десет

21 март 2011

Повратничките синглови на Roxette и Chris Brown; песната што ќе ја претставува Германија на изборот за песна на Евровизија и новата химна на фановите на Lady Gaga се само некои од најпродаваните десет синглови.

https://p.dw.com/p/RB24
Lady Gaga на наградите Grammy во Лос АнџелесФотографија: dapd

1. Born This Way - Lady Gaga

Lady Gaga деновиве повторно се најде во таблоидите, откако изрази загриженост дека косата почнала да и` опаѓа, поради тоа што често ја бојадисува. Но, тоа не е единствената козметичка грижа на пејачката. Lady Gaga призна дека често знае да заспие, без да ја отстрани шминката и дека одбегнува сончање и солариум, бидејќи создаваат брчки.

2. Grenade - Bruno Mars

Bruno Mars, пејачот со потекло од Хаваи, се проби на музичката сцена со претходниот сингл, Just The Way You Are, и додека славата на Bruno Mars расте, се зголемува и побарувачката по него. Неодамна е потврдено дека тој ќе настапи на едно од изданијата на шоуто за таленти American Idol.

3. Hollywood Hills - Sunrise Avenue

Додека се` уште останува дилемата зошто бендот од Финска пее за Холивуд, едногласни се ставовите дека новиот албум на Sunrise Avenue, Оut Of Style, ќе биде продолжение на успешната кариера на составот. Оваа седмица бележат искачување од шестата на третата позиција.

Band Sunrise Avenue Flash-Galerie
Пејачот на Sunrise Avenue, Samu HaberФотографија: picture-alliance/ dpa

4. Rolling in the Deep - Adele

Пејачката од Велика Британија стана позната по своите емоционални испади за време на настапите, а неодамна и` се случи уште еден таков. За време на интервјуто за канадското MTV, по нејзиниот натап во живо, Adele повторно се расплака, бидејќи додека таа пеела стигнала порака од нејзиниот поранешен вокален ментор. Тој имал само пофални зборови за неговата поранешна ученичка, што многу ја трогнало Adele.

5. Higher - Taio Cruz feat. Kylie Minogue

Kylie Minogue во петокот го имаше последниот концерт во Германија, во рамки на нејзината светска турнеја за промоција на новиот албум Aphrodite. Пејачката, која веќе две години е во врска со шпанскиот манекен Andres Velencoso, неодамна призна дека додека е на турнеја живее особено здодевно, бидејќи целата енергија за чува за концертите и нејзините фанови.

6. Stay - Hurts

Музиката на Hurts е инспирирана од таканаречениот синт-поп од осумдесетите години, а на нивниот прв албум Happiness, забележливи се влијанијата на бендовите од типот на New Order, Depeche Mode и Tears For Fears. Новиот сингл Stay истовремено е и носечка нумера на новиот филм на германскиот актер Til Schweiger.

7. Hello - Martin Solveig и Dragonette

Франција се покажува како земја на диџеите. По светскиот успех што го постигна David Guetta, сега и Martin Solveig е на добар пат да тргне по неговите стапки. Неговото вистинско име е Martin Picandet, а на музичката сцена е повеќе од десет години.

Flash-Galerie Martin Solveig
Диџејот Martin SolveigФотографија: picture-alliance/dpa

8. Taken by a Stranger - Lena

Помалку од два месеца пред овогодишното издание на Евровизија, познат е редниот број под кој ќе настапи Lena. Во Арената во Дизелдорф Lena ќе се појави шеснаесетта на сцена. Минатата година го носеше редниот број 22 и и` ја донесе првата победа на Германија по речиси две децении.

9. Yeah 3X - Chris Brown

Се чини дека Chris Brown деновиве промовира уште нешто, отколку само новиот албум F.A.M.E. Пред извесно време на интернет се појавија фотографии на кои пејачот е сосема гол. Chris Brown, сепак, негира дека станува збор само за привлекување внимание, пред излегувањето на новиот албум, меѓутоа не се чувствува ниту непријатно што целиот свет ги виде неговите интимни делови. „Задоволен сум од моето тело, објавувањето на фотографиите воопшто не ме засега“, изјави раперот во интервју за MTV.

10. She's Got Nothing On (But The Radio) - Roxette

Составот од Шведска ќе остане запаметен по хитовите како She's Got The Look, It must have been love и Joyride. Формирани се во 1986 година, а најголем успех уживаат во Европа и делумно во Латинска Америка. По пауза од осум години, во февруари беше издаден нивниот осми студиски албум, Charm School.

Автор: Media Control Gfk/Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска