1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски фирми - најдобри меѓу најдобрите

29 јануари 2011

Стотици германски фирми со своите производи се водечки на светскиот пазар. Во штотуку издадениот „Лексикон на германските предводници на светскиот пазар“ се претставени 800 претпријатија.

https://p.dw.com/p/105oW
Фотографија: AP

Германија веќе не е светски првак во извоз, откако Кина во 2009 година и’ ја одзеде титулата. Сепак, стотици германски фирми со своите производи се водечки на светскиот пазар. Многу од нив често им се познати само на упатените во соодветната бранша. Во штотуку издадениот „Лексикон на германските предводници на светскиот пазар“ се претставени 800 претпријатија.

„Пирамида“ од 1400 германски фирми

Големите концерни, нотирани на ДАКС-индексот на берзата, како БАСФ, „Сименс“ или „Фолксваген“, во Лексиконот се застапени како светски фирми. Тие се на водечки позиции во „лигата на најдобрите“, но претставуваат само врв на пирамидата од околу 1400 германски средни претпријатија, кои припаѓаат кон највисоката класа. Истовремено, тие се ‘рбетот на германското стопанство, истакнува Флоријан Лангешајд, издавач на Лексиконот, кој е изненаден од разноликоста на производите со кои фирмите се предводници во светот:

„Тоа оди од мрежички за тепање муви, до музејските витрини, од ѕидни часовници до билни ликери, од оргулите до капачињата за пивски шишиња, од статични одбојници за шински возила, до струни за клавир. Значи, енормно е широка разновидноста на производи и услужни дејности, во кои германските фирми спаѓаат во светскиот врв“.

Deutschland Spezialtransporter Lore
Специјален транспортер од фирмата „Шојерле“Фотографија: Scheuerle

Тука е, на пример, фирмата „Бауер“, семејно акционерско претпријатие раководено од веќе седма генерација. Тоа произведува специјални машини и алатки за градежништво и рударство. Кон средината на 20-от век „Бауер“ пронајде еден специјален систем за зацврстување кај големи ископи за темели. По првите лиценци за Јапонија и САД, системот е во употреба на сите континенти, а германската фирма стана водечка во оваа област.

Рецепт за успех е-напора работа на долг рок

Во ваквите постигања Лангешајд ја гледа основата на успешноста на фирмите. „А и шефовите кои поседуваат визија, кои долго работеле на тоа. Светски успешна фирма не се станува преку ноќ, но стигнува награда за насоченоста кон размислување на долг рок, а не кон краткорочен успех“.

Да се биде во светскиот врв, значи, не е никаква случајност, туку резултат на напорна работа. Во предусловите спаѓаат и силен менаџмент, технички иновации, мотивирани соработници, разгранети мрежи од партнери во светски рамки и јасна претприемачка стратегија:

„Водечки на пазарот во светот значи, кажано малку здодевно, претставува дека си на победничкиот подиум. Тоа се мери примарно преку уделот во светскиот пазар. Ние направивме ’Лексикон на германските предводници на светскиот пазар‘ и се обидовме тоа да го сториме многу објективно и енциклопедиски, со напор сето тоа јасно да го дефинираме.“

Flash Galerie Weltmarktführer
Фирмата „Миле“ е една од светски најпознатите за производство машини за перење облекаФотографија: Miele & Cie. KG

Во Лексиконот фирмите се наведени по азбучен ред - од „Атмос“, претпријатие за медицинска техника од Фрајбург, кое спаѓа меѓу првите три во светот, со 260 вработени и обрт од околу 37 милиони евра годишно, преку Групата „Ломан“, број еден во светот во областа на лепливи ленти за соларни постројки, основана во 1851 година во Франкфурт како трговска фирма, па се’ до фирмата „Цвисел Кристалглас“, која произведува висококвалитетни чаши за врвна гастрономија. Ова акционерско друштво, раководено од сопствениците, поседува претставништва во Шпанија, Холандија, Источна Европа, Скандинавија, САД и Азија.

Автор: Моника Ломилер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска