1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германски „хај-тех фонд„ за иноваторите

29 август 2005

Германската влада има намера да им помогне на претпријатијата што се занимаваат со нови технологии да ги реализираат добрите идеји.

https://p.dw.com/p/AeO8
Министерот за економија, Волфганг Клемент
Министерот за економија, Волфганг КлементФотографија: AP

Наместо тие да завршуваат во фијоки поради недостиг на финансиски средства, од сега добрите иноватори ќе можат да посегнат по средствата за почнување нов бизнис, што три големи концерни и сојузната влада го стваат на располагање. Фондот вкупно содржи по 250 милиони евра годишно.

Пионерот на полето на автомобилската индустрија Готфрид Дајмлер не би се снашол во денешните услови на стопанисување, оцени заменик шефот на Управниот одбор на хемискиот концерн БАСФ, Егерт Фошерау. Овој успешен интернационален концерн од хемиската бранша е еден од соинвесторите во фондот. Покрај него тука се и Сименс и Германскиот Телеком. Тие заедно вложуваат 11 милиони евра, исто толку доаѓа од државната Банка за обнова, а преостанатиот дел од 240 милиони го вложува сојузната влада. За почетниците со добри идеи стојат на располагање и по половина милион евра годишно.

Министерот за економија и труд Волфганг Клемент очекува од Фондот важни импулси како за стопанството, така и за пазарот на работна сила:

„Очекуваме оти основачите на нови претпријатија со овој почетен капитал можат да си ја обезбедат егзистенцијата за првите две години, а потоа би требало да се вклучат приватни инвеститори.„

Овој фонд е уникатна иницијатива во Европа порадо мешовитиот карактер на приватни и државни вложувања во нови технологии. Ова е меѓутоа неопходно, бидејќи инвесторите во Германија се премногу скептични и не сакаат да вложуваат во нови проекти со ризик. Тоа се однесува посебно на приватни банки и претпријатија што работат со капитални вложувања, а кои се излезени на берзата:

„Млад научник во САД, кој има некоја нова идеја, тој брзо ќе најде средства за нејзина реализација. Во Америка се‘ уште се верува во иновации, во иднината. А кај нас во Германија премногу се внимава на ризикот„ – појаснува министерот за економија Волфганг Клемент. Дотолку повеќе тој се радува што во проектот на владата се вклучија три концерни со голем углед. Менаџерот на БСФР, Фошерау, пак се надева оти таквата инвестиција ќе се исплати на овој или оној начин:

„За возврат за учеството во Фондот, ние добиваме увид во новите технологии и идеи и можеме на време да влеземе во соработка. Со тоа преземаме и одговорноста за иднината на Германија како стопански субјект на меѓународен план, создавајќи шанси за иновативните технологии. Како крајна цел при тоа важи создавањето нови работни места!„

Министерот за економија Волфганг Клемент уште додава дека Германија во принцип има добри шанси во меѓународната конкуренција, бидејќи се наоѓа во светскиот технолошки врв кога се во прашање автомобилската индустрија, машинската, електронската и хемиската. Затоа овој Фонд на владата и големите концерни е голема шанса, порача Клемент!