1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското стопанство го критикува коалициониот договор

14 ноември 2005

На најголема критика кај стопанството наиде намерата за зголемување на данокот на додадена вредност

https://p.dw.com/p/AeNX
Распродажба во стоковна куќа во Хамбург
Распродажба во стоковна куќа во ХамбургФотографија: dpa

Да почнеме со една добра реакција – врвот на Здружението на германската индустрија се дистанцираше од жестоката критика на некои претставнци на стопанството на сметка на коалициониот договор. Се на се, како што изјави претседателот на БДИ, Јирген Туман, договорот претставува продолжение на реформската политика, но притоа чекорите се многу мали. Тоа сеуште нема да и даде полет на економијата и нема веднаш да создаде нови работни места. Но, договорот покажува дека во овој легислативен период ќе се појави перспектива за подобри денови во Германија. И, овде завршуваат добрите вести. Многумина скептично гледаат на договорт на коалицијата.

Критика доаѓа пред се од редовите на синдикатите. Тие од една страна негодуваат поради зголемувањето на ДДВ, а од друга страна поради олабавувањето на постапката за отказ од работа. Заштитата од отказ останува непроменета, освен можноста пробната работа да може да се продолжи од 6 на 24 месеци. Раководителот на Сојузот на германските занаетчии, Ханс Еберхард Шлајер, критикува: “Она што сега е предвидено, со двегодишната пробна работа, можеби е чекор во вистинска насока, но мора да се почека, зашто на пазарот на работна сила мора да се случуваат многу повеќе работи отколку во коалиционите договори.“

Шефот на созијалното здружение, ВДК, Валтер Хирлингер и најавува на владата жешка есен: “Ако земете предвид дека прилагодувањето на пензиите ќе се одлага до „Свети никогаш“, тоа значи дека пензионерите секоја година се повеќе ќе губат куповна моќ, а притоа стапката на инфлација е над 2%. Значи, не може да се каже дека она што е договорено за пензионерите е поволно.“

Хирлингер негодува поради намерите за продолжување на работниот век, а токму тоа е поздравено од страна на стопанството. Но, тука и завршува одушевувањето на претседателот на работодавачите, Дитер Хунд. Недостига “голем пресврт“. Хунд на коалицијата и префрла дека има противречности во намерите:

“Со даночни зголемувања и зголемувања на давачките, нема да придонесеме за економски пораст во Германија и за задржување на старите и отворање нови работни места.“

Здружението на германската трговија на мало, и натаму гледа густи облаци на потрошувачкото небо. Трговијата на мало и онака со години страда поради тоа што Германците повеќе сакаат да штедат, отколку да трошат пари, во услови на мал стопански пораст. Со зголемувањето на ДДВ, вели претседателот на здружението, Хубертус Пеленгар, и онака недоволната потрошувачка ќе оди уште повеќе по надолна линија.