1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германското стопанство ја надмина тригодишната фаза на стагнација

13 јануари 2005

Носено на крилата на извозот, стопанството во 2004-та година оствари пораст од 1,7 насто – соопшти денеска во Визбаден претседателот на германскиот Сојузен завод за статистика Јохан Хален. За владата минатата беше година на пресврт, опозицијата зборува за уште една загубена година.

https://p.dw.com/p/AePc
Прогнозите на министерот Волфганг Клемент се остварија
Прогнозите на министерот Волфганг Клемент се остваријаФотографија: AP

Вкупната вредност на домашниот бруто производ изнесува 2178 милијарди евра. Стопанството се опорави, но порастот, ако се елиминира влијанието на петте работни денови повеќе, реално изнесува 1,1 насто. Па сепак, остварени се 0,3 процентни поени повеќе од просечниот пораст во цела декада. Придонесот на извозот во остварениот пораст изнесува три четвртини. Проблематични остануваат пазарот на работна сила, каде за подобрување на состојбата, според експертите, е нужен пораст од најмалку два процента, како и слабата домашна конјунктура. Потрошувачите и натаму се воздржани и потрошија за 0,3 проценти помалку пари отколку во 2003-та, но затоа пак квотата на заштеда од 10,6 проценти од расположливите приходи е највисока за последните десет години. Реално расположливите приходи по семејство опаднаа за 0,2 насто, нето-платите стагнираат. Приходите на претпријатијата, пак, и приходите од имот пораснаа за цели 11 насто.

Порастот во Германија заостанува за 0,7 насто од просечниот во ЕУ, а само стопанствата на Португалија, Италија, Малта и Холандија остварија послаб ефект.

Министерот за стопанство Волфганг Клемент, кој своевремено прогнозираше пораст од 1,8 проценти, е задоволен: “Покрај зачестените сигнали за посилно конјунктурно опоравување во 2005-та, сега со податоците за минатата година имаме една натамошна причина за самоувереност. 2004-та беше година на пресврт, во 2005-та ќе се засили и прошири опоравувањето на стопанството" – прокоментира тој. Претставници на опозицијата, напротив, зборуваат за уште една загубена година, укажуваат дека светското стопанство лани оствари пораст од цели 5 проценти и оти Германија го преспала таквиот глобален развој.