1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско вето за Бугарија и Романија

ЖА/ард/шпигел3 март 2013

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих сака да спречи скор пристап на Бугарија и Романија на Шенген зоната без гранични контроли. Ако, е потребно - и со вето.

https://p.dw.com/p/17pRL
Фотографија: picture alliance/Romain Fellens

Доколку двете земји успеат на гласањето на средбата на министрите од ЕУ за правда и за внатрешни работи в четврток, „тоа ќе биде спречено со германско вето“, изјави министерот Фридрих за магазинот „Шпигел“.

„Не доаѓа во предвид ниту размислувањето околу делумно давање зелено светло за одредени области, односно влез преку аеродромите или пристаништата“, дополнува министерот.

„Проширувањето на Шенгенскиот простор нашите граѓани можат да го прифатат само ако бидат исполнети основните претпоставки, што засега не е случај“.

Ханс-Петер Фридрих посебно ја критикува корупцијата во двете земји: „Како и досега, Бугарија и Романија мора да настапат решавачки против корупцијата. Оној кој добива виза преку мито, би можел, без натамошни контроли, да стигне до Германија“.

Министерот освен тоа најави и мерки против т.н. доселување поради сиромаштија, односно од економски причини.

Bundesinnenminister Hans-Peter Friedrich Archiv
Ханс-Петер ФридрихФотографија: picture-alliance/dpa

„Оној кој доаѓа за да касира социјални привилегии и со тоа го злоупотребува правото на слободно движење, треба ефикасно да биде спречен. Една од можностите може да биде забрана за повторен влез на оние кои се протерани“.

Договорот од Шенген во Луксембург во 1985 година го потпишаа Германија, Франција и земјите од Бенелукс. Денес во Шенген просторот, во кој се патува без внатрешни гранични контроли, припаѓаат 25 земји. Покрај 22 од вкупно 27 држави од ЕУ (сите освен Велика Британија, Ирска, Кипар, Бугарија и Романија), во него се и Норвешка, Исланд и Швајцарија.

Надворешните граници на Шенгенскиот простор со повеќе од 400 милиони жители се долги повеќе од 7700 километри, поморската граница дури 42.700 километри. На границите меѓу државите од Шенген просторот патниицте се контролираат само по случаен принцип или при посебни настани.

Романија и Бугарија од 2007 се членки на ЕУ. Но, поради дефицити во областа на правосудството и во сузбивањето на корупцијата и организираниот криминал, беше воведен досега единствен механизам за соработка и проверка, кој од двете држави бара исполнување посебни услови. Европската комисија кај Букурешт и Софија неодамна повторно констатираше недоволен напредок во споменатите области. И во другите ЕУ-држави како Финска, Холандија и Франција доаѓа до се‘ поголем отпор против прием на Романија и Бугарија во Шенген-зоната.