1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-кинески меден месец

19 јули 2010

Германската канцеларка Ангела Меркел е задоволна од посетата на Кина. Таа зборува за „нова етапа“ во германско-кинеските односи, кои треба да бидат поставени на „сосема нова основа“.

https://p.dw.com/p/OOjw

Никогаш немало толкава срдечност. Заборавено е времето кога Меркел беше критикувана од Пекинг поради средбата со Далај Лама. Кина и Германија се чини се зближуваат повеќе од кога било досега. Таков е барем впечатокот кога германските и кинеските врвни политичари заборуваат за односите меѓу двете земји.

Германија и Кина зависат една од друга

Кинескиот премиер Вен Џиабао односите со Германија ги нарече „историски“. Канцеларката Ангела Меркел зборуваше за сосема ново ниво на односите. Но, што всушност се промени по последната посета на Меркел на Кина? Врз што се темели новиот ентузијазам, „германско-кинескиот меден месец“, како што го нарекоа кинеските медиуми?

Со сигурност, двете земји успешно се справија со меѓународната финансиска и економска криза и, притоа, дури и ја зголемија нивната билатерална трговија. Двете земји силно се ориентирани кон извозот. Кина е значаен пазар за Германија. Од друга страна, пак, Германија развива технологии кои Кина би сакала да ги има. Пред се‘, официјалните информации се дека се настојува да се избегне економскиот модел, кој се базира врз евтино производство, што во превод значи - Германија и Кина добро се надополнуваат и, барем економски, зависат една од друга како никогаш досега.

Но, со тоа всушност ништо не се менува во билатералниот однос. Имено, добрите економски контакти се воспоставени многу пред да почне кризата. Малку се претерани гласините за нов квалитет на односите, оти гледајќи подетално не е можно навистина хармонично пријателство. Постојат огромни несогласувања за односот на Пекинг кон граѓанските права, кои канцеларката уште еднаш, делумно дипломатски, ги спомна при посетата на Партиската виша школа.

Зад дипломатските флоскули се кријат несогласувања

Дипломатските флоскули не можат да го скријат фактот дека двете земји воопшто не ги доближиле ставовите за значајни меѓународни прашања, како на пример за заштитата на климата. Политичарите ја обвинуваат Кина за недоволен ангажман, но никој јавно не зборува за тоа, дека од најголемиот емитер на ЦО2 во светот очекуваат да се придржува до пропишаните максимални граници.

Канцеларката, сепак, беше категорична во поглед на крадењето идеи и нееднаквите услови за инвестирање во Кина. Тоа не е толку тешко, оти за овие теми можеше да биде сигурна дека ќе добие поддршка од германската економија. Такви јасни ставови се пожелни почесто, оти кога шефовите на влади и премиерите навистина сакаат почеста и поинтензивна размена, тоа има смисла ако притоа се зборува за проблематични прашања, ако се зборува не само за светлата страна на германско-кинеските односи, која премиерот Вен Џиабао радо ја истакнува, туку и за темната страна на соработката.

Автор на коментарот: Рут Кирхнер

Превод: Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска