1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германско-француското помирување темел за партнерство

А. Трајковска /ард/ афп/ дпа/ дапд22 септември 2012

Канцеларката Ангела Меркел и претседателот Франсоа Оланд во Лудвигсбург потсетија на историскиот говор на Шарл де Гол, кој ги положи темелите за германско-француското пријателство по Втората светска војна.

https://p.dw.com/p/16CiC
Фотографија: THOMAS KIENZLE/AFP/GettyImages

Со пригодна свеченост на историското место германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд денеска (22.09) го прославуваат германско-француското пријателство. Во Лудвигсбург, во покраината Баден Виртемберг, Меркел го пречека нејзиниот гостин во дворот на барокниот замок, каде пред 50 години тогашниот француски претседател Шарл де Гол пред млада публика го одржа историскиот говор за помирување. „Неговите зборови оставија белег врз една цела генерација“, го истакна Меркел значењето на Де Гол.

Историско помирување

Во дворот во замокот во Лудвигсбург пред 50 години претседателот Шарл де Гол се заложи за солидарност меѓу двата народа.

Неговиот познат говор пред младите на 9. септември 1962 година се смета за чекор во правец на помирување меѓу „непријателите“ по Втората светска војна. Илјадници млади луѓе тогаш го славеа Де Гол.

Staatspräsident Charles de Gaulle und Bundeskanzler Konrad Adenauer unterzeichnen den deutsch-französischen Freundschaftsvertrag
Шарл де Гол и Конрад Аденауер на потпишувањето на Елисејскиот договор (архива)Фотографија: picture-alliance/dpa

Настапот на Де Гoл во Лудвигсбург беше возвратна посета. Кратко пред тоа, во јули 1962 година, тогашниот германски канцелар Конрад Аденауер отпатува во Франција. Во катедралата во Римс тој и  Де Гол на 8. јули 1962 година присуствуваа на „мисата на мирот“.

Неколку месеци по говорот на Де Гол во Лудвигсбург на 22. јануари во Париз беше потпишан  Елисејскиот договор за германско-француска соработка.

Во децениите што следеа се интензивираа односите меѓу двете држави. Подлабоката соработка, која се преточи во вистинско пријателство, беше воспоставена кога на чело на Германија и Франција стоеја Хелмут Кол и Франсоа Митеран. Двајцата државници на бојното боле во Вердун си подадоа рака во спомен на жртвите. Тесна соработка постоеше и во времето на Валери Жискар Дестен и канцеларот Хелмут Шмит.

Историското помирување Германија и Франција ќе го прослават со повеќе пригодни манифестации до идното лето. Кулминација ќе биде манифестацијата што во Берлин треба да се одржи на 22. јануари 2013.