1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците на одмор на „Балконија“!

18 јуни 2010

И покрај тоа што Германците се познати како „светски прваци во патување“, не сите од нив одат на одмор во далечни земји. Некои претпочитаат кампување во сопствената земја. Некои остануваат дома, на балконите.

https://p.dw.com/p/Ntjk
Кампот во Зибенгебирге кај БонФотографија: DW

Опуштена атмосфера среде Зибенгебирге кај Бон. Птичките црцорат, воздухот е свеж. Едно семејство прави скара, а друго седи пред приколката. Мало девојче седи на зелената трева и сама си игра со куклата. Некаде во кампот лае куче.

Многумина сакаат да кампуваат

Deutschland Urlaub daheim
Семејството Михелсен секогаш одмара во кампФотографија: DW

Членовите на семејството Капушевски вечераат. Тие сакаат да се опуштат, оти поминаа долг пат од нивниот дом на крајбрежјето на Северно Море. Тие досега патувале во многу странски земји, но подобро можат да се одморат во германски камп, во секој случај подобро отколку во некој хотел: „Во кампот не носам часовник. Станувам кога ќе се разбудам, а правам ручек кога сум гладна. Навечер спијам, кога сум уморна. Така имам многу време. Овде можам да правам што сакам.“ Катарина и нејзиниот сопруг отсекогаш сакале слободно да си го организираат денот. Престојот во хотел им е напорен, таму секогаш морате да се придржувате до строги правила, смета Катарина.

Беате Михелсен се сложува со тоа. 66-годишната жена од Тибинген, заедно со нејзиниот сопруг е во посета на ќерката и внуката во Бон. Сместувањето во хотел за неа не доаѓа во предвид: „Секогаш одиме само во кампови, оти само таму се чувствуваме навистина убаво, како во нашата куќа во Тибинген. Заклучивме дека хотелите воопшто не се за нас. Таму зависиме од одреденото време за јадење и секогаш мораме да бидеме убаво облечени. Овде сме потполно независни. А кога времето е лошо, можеме некаде да отпатуваме.“ Но, исто така и во кампот постојат правила. Соседите многу се дружат, повеќе приколки се поставени блиску една до друга, сите се познаваат.

Одмор онаму каде се зборува германски

Deutschland Urlaub daheim Kleingärten
Некои Германци го поминуваат одморот во своите градиниФотографија: BilderBox

Хорст-Јозеф Шрајнер оди на одмор само во камп, но не само поради тоа што е поефтино: „Мислам дека би можеле да одиме на одмор во странство за малку пари. Но, јас патувам само онаму каде можам да се разберам со луѓето. Германија, Австрија, Швајцарија, тоа се земјите каде патуваме. Шпанија или слично - не!“

На Натали кај кампувањето и‘ се допаѓа што има преглед врз трошоците. Најзината приколка цело лето стои на кампингот, во близина на местото каде живее, за околу 500 евра. Младата мајка овде наоѓа свој мир, и‘ се допаѓа атмосферата: „Од нашиот ред приколки всушност сме како едно семејство. Сите се познаваме. Ако се случи нешто, другите се веднаш тука и помагаат.“

На одмор-на балконот!

Јирген Милер од Бон ќе остане дома. Тој е еден од многумината кои ќе го поминат одморот во сопствените четири ѕида: „Ќе одам на одмор на мојот балкон. Сепак, би сакал да одам во странство, некаде во Африка или во Јужна Европа, каде што е топло. Но, не можам да си го дозволам тоа. Едноставно е прескапо.“

Оние кои се на одмор дома имаат соседи и помош и во малите градини. Цветни градини и домати под сенката на јаболковото дрво, на работ од стариот дел од градот Нојс на Рајна, 150 мали градини сочинуваат една колонија. Во една од овие градини Тони Шефер ќе го помине одморот. Тој е еден од големиот број млади луѓе, кои денес повторно ги привлекува идилата во градините: „Мирот, опуштањето пред работа, едноставно животот со природата, гледањето како се развиваат растенијата, како цветаат розите, како се движат рибите или жабите во баричката... А кога наесен во градината ќе најдете еж, му велите добра вечер, а тој се радува поради бананата што му ја давате, тоа се убавите нешта во градината.“

Автор: Ненси Вајуа / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска