1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците не веруваат во теориите на заговор

Дик Волфганг/ Жана Ацеска23 јули 2013

Речиси секојдневно пристигнуваат нови информации за активноста на американската тајна служба НСА во Германија и соработката со владата во Берлин. Иако политичарите и медиумите се на нозе, граѓаните реагираат лежерно.

https://p.dw.com/p/19CBQ
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

Книгите за разните тајни служби во Германија моментно извонредно се продаваат, како ретко кога. Меѓу нив најпродавана е онаа од германскиот професор по историја Јозеф Фошепот: „Надгледувана Германија“. Овој автор, меѓу другото, изнесува факти за тајните спогодби на повоена Германија и САД, кои делумно на сила се и денес. Иако книгата излезе уште пред најновиот скандал со прислушувањето од страна на американската тајна служба НСА и на германски терен, се чини дека тајмингот на нејзиното појавување во книжарниците не можеше да биде подобар. Имено, некои неофицијални истражувања покажуваат дека споменатата афера сепак многумина во Германија ги натера на размислување. Но, дали и во колкава мерка Германците извлекоа од оваа приказна поука,односно дали ги прават првите чекори за своја подобра заштита на интернет? Како што изгледа, одговорот гласи - не.

Symbolbild USA Geheimdienst Überwachung Internet Spionage Datenspionage
Фотографија: Imago/Chromorange

Изненадувачки опуштени Германци

Во Германија веќе цела низа години постојат редица разни советувалишта во кои граѓаните можат да добијат информации поврзани со заштитата на своите податоци. Но, тие досега беа ретко посетувани. Во Билефелд на пример веќе 25 години постои задругата Дигиталкураж, која досега не можеше да се пофали со навала на корисници за своите совети.

„Но, сега веќе забележуваме промена. Граѓаните се јавуваат и се интересираат како најдорбо да се заштитат кога се во прашање телекомуникациите“, вели Рена Тангерс од задругата. Освен тоа, Дигиталкураж на продажба нуди и посебен софтвер кои на интернетските корисници им овозможува да не можат да бидат следени во тоа кои страници ги посетуваат на интернет. Првата верзија на оваа програма беше распродадена за само неколку дена, а сега се работи на развој на нова верзија. Сличен интерес бележат и другите фирми кои се занимаваат со продажба и развој на програми за заштита на податоците на т.н.обичен потрошувач. Некои одат и чекор подалеку, плашејќи се дека нивните податоци можат, освен во комерцијални, да бидат искористени и во други цели.

„Оној кој знае дека сакам да јадам колачи и дека воопштио нездраво се хранам, може тие информации да му ги достави на моето здравствено осигурување кое може да ми го откаже членството“, смета еден Германец. Визиите како оваа се шират се‘ повеќе, но спорсед истражувањата, недоволно за просечниот Германец да биде натеран нешто да преземе.

Со други зборови, продолжува онака како што било и досега. Некои народни универзитети и разни дополнителни курсеви во училиштата веќе одамна ја нудат темата заштита на податоците, но досега интересот на граѓаните не е преголем. Единствен исклучок е Сојузната служба за безбедност и информации, која наведува дека во последно време бележи засилено користње на нивните програми зазаштита на податоците. Но, и овде постои едно „ама“. Се работи за претпријатија, а не за приватни лица.

Symbolbild NSA Spähaffäre
Фотографија: Reuters

Без влијание на резултатите од изборите

Според анкетите на јавното мислење спроведени од повеќе институти, само 4 проценти од граѓаните оваа најнова афера ја гледаат како важна политичка тема. Истражувањето на ТВ Н24 пак вели дека 55 проценти од граѓаните не се чувствуваат воопшто загрозени поради оваа афера. Она со што луѓето не се задоволни, се реакциите на германската влада на скандалот. Сепак, преовладува мислењето дека аферата нема да има големо влијание врз изборите.

Иако лежерните реакции на германските граѓани во секој случај се изненадувачки, експертите сепак предупредуваат да не се претерува со оваа лежерност. Ако граѓаните наскоро не се побунат, би можеле да следат сериозни последици и тоа со големи димензии. Нивните податоци би можеле да дојдат во погрешни раце или на пример, недолжни да бидат обвинети за различни терористички акции.