1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците се‘ повеќе работат во смени и на викенд

ЖА/дв/дпа/зц18 февруари 2013

На работно место, кога другите се слободни: се‘ повеќе Германци работат во смени, ноќе и на викенд. Речиси секој четврт работи во сабота или недела.

https://p.dw.com/p/17gJD
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Во Германија се зголемува бројот на оние кои работат на викенд, ноќе или сменски. Ова призлегува од извештајот-одговор на германската влада на поставеното прашање од пратеничката група на Партијата на левицата во Бундестагот, од кој цитира весникот „Зиддојче цајтунг“. Според него, во 2011. година околу 8,9 милиони вработени, значи практично секој четврт бил ангажиран „постојано или често“ на викенд. Во 2001. година бројката на вакви работници изнесуваше 6,7 милиони.

Германската влада потврдува силно зголемување и на работата во смени. Таа е најраширена во социјалната бранша, здравството, машинската индустрија и трговијата. Владата дополнува дека работниците во смени се под зголемен ризик од психички оптоварувања и кај нив постои „зголемен здравствен ризик“. Постојано се шири и уделот на ноќна работа.

Алармирачки бројки

Портпаролот на партијата на левицата за прашањата од областа на трудот Јута Крелман овие бројки ги оценува за алармирачки: „Психичкиот стрес е бомба која може да експлодира секој час во работното секојдневие и мора да се преземат мерки за ублажување“, вели Крелман.

Таа, како и синдикатот за металсската струка ИГ Метал, бара правила за анти-стрес во законот за заштита на работно место. Од владините податоци во извештајот произлегува дека бројот на регистрирани прекршоци при државните контроли на работното време е зголемен за една третина од 2007. година наваму. Германската сојузна министерка за труд Урсула фон дер Лајен меѓутоа се‘уште исчекува со регулативата на оваа тема. Таа сака темата прво да биде „научно обработена“.