1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците славеа како да станале светски прваци

18 јануари 2012

На германските медиуми им „олесна“ по победата на ракометарите над Македонија. Во центарот на вниманието- македонските навивачи. На нивна сметка упатени и критики но и пофалби. Македонија е лош губитник!

https://p.dw.com/p/13lFu
Фотографија: Reuters

Германците победата над Македонија ја славеа како да станале светски прваци, констатираат неколку медиуми по инфаркт-мечот во Ниш, по кој германската селекција ги задржа шансите за пласман во следната рунда.

Магазинот „Шпигл“ во извештајот од Ниш оценува дека Германија совладала „второкласна“ репрезентација од типот на Македонија, но сепак, радоста на ракометарите била голема.

„Колку беше големо олеснувањето, покажува и тоа што играчите славеа како да станале светски прваци“, пишува и најтиражниот „Билд“.

Во овој весник и повеќе забелешки на атмосферата.

Sport Handball EM Schweden gegen Mazedonien
Македонските навивачи во НишФотографија: picture-alliance/Pixsell

„4.000 македонски навивачи му свиреа на нашиот тим на секој контакт со топката. За време и особено по завршувањето на мечот нашите играчи беа гаѓани со парички и запалки. Добро е што никој не беше повреден“, пишува Билд.

Првиот канал на државната телевизија, АРД во извештајот од мечот во поднасловот „Френетично навивање и летечки објекти“ ја пренесува изјавата на дефанзивецот Оливер Рогиш.

„Комплименти за македонските навивачи. 95 отсто од времето навиваа и направија одлична забава, а во останатите пет проценти фрлаа со запалки“, иронично заклучува германскиот репрезентативец.

Комплименти за навивачите од Гландорф

Сепак, искрени комплименти упати десниот бек Фолкер Гландорф.

„Воопшто немаше проблеми со македонските навивачи. Би сакал од ова место ним да им упатам еден комплимент. И покрај неколку мали исклучоци, кои секогаш ги има, македонските навивачи покажаа извонреден ентузијазам, но исто така беа и фер“, рече Гландорф.

Österreich Handball EM 2010 Österreich Deutschland
Фолкер ГландорфФотографија: AP

Во текот на мечот, забележуваат неколку медиуми, македонските навивачи пееја „Deutschland, Deutschland - Auf Wiedersehen“, „Германија, Германија- Довидување“, но на крајот Македонците се покажаа како лоши губитници, заклучува „Шпигл“. Конкретно, широко беше пренесена веста за приговорот на македонскиот тим до ЕХФ за последниот шут на Кире Лазаров, кој се одби од пречката. Снимките покажаа дека топката не ја минала гол линијата.

Автор: Борис Георгиевски/шпигел/ард/спорт1

Редактор: Жана Ацеска