1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците спроти големото проширување на ЕУ

30 април 2004

Германија ја надмина блоковската поделба во 1990-та година. За Европа датумот на конечното повторно обединување е утрешен 1. мај. Ако се спореди расположението меѓу Германците кон проширувањето на Европа тогаш, во 1990-та и сега, забележливи се поголеми разлики. Какви се и што ги предизвикува - од коментарот на Верица Спасовска.

https://p.dw.com/p/AcNt
Протести на синдикатите пред Брандебуршката порта
Протести на синдикатите пред Брандебуршката портаФотографија: AP

Во европските главни градови се лади шампањското спроти утрешниот голем ден. Но, најголемиот број обични смртници во Германија на историското проширување гледа со помешани чувства. Анкетите на јавното мнение велат дека се уште половината од граѓаните на оваа земја позитивно го оценуваат приемот на новите членки. Но, погледнато на подолг рок, Германците очекуваат повеќе негативни, отколку позитивни ефекти. Страшните сценарија се вратат главно околу последиците по пазарот на работна сила: дали германските фирми по проширувањето ќе ги префрлаат поинтензивно производните погони кон Исток, каде работната сила е поефтина? Или, чекаат ли на готовск огромен број работници од новите членки на Унијата да дојдат во “ветената земја“ Германија и да им ги земат работните места на домашните?

Објективно погледнато ниту едното, ниту другото сценарио немаат подлога во реалноста. Што се однесува до првото, проценките на германските извозници велат дека со проширувањето на ЕУ токму се обезбедуваат стотици илјади работни места во Германија, а во наредните 10 години би требало да се создадат дури 500.000 нови. Дури и најголемите прагматичари зборуваат за историска шанса за германското стопанство. А што се однесува до второто, експертите за миграции проценуваат дека бранот доселување од источните земји со понизок стандард ќе биде мал. Тие имено очекуваат големи стапки на раст во економиите на новите членки, а тоа значи и потреба од повеќе работници, за разлика од релативно заситените пазари на работна сила во старите членки. Значи, со сосема студена глава погледнато – стравовите се ирационални!

Во прилог на истото тврдење и историс кото искуство: кога Грција, Португалија и Шпанија беа примени во ЕУ, многу Германци ги имаа истите стравови. Но, овие земји доживеаа брз економски опоравок и набргу во нив почнаа да се враќаат иселениците. При тоа мораме да признаеме дека постои голема разлика во состојбата на германскиот пазар на работна сила тогаш и денес: на крајот од 60-тите овдешното стопанство беше го силен пораст, а сега се провлекува по работ на рецесија.

Скепсата поврзана со економските предности и маани на проширувањето меѓутоа не потсетува и на еден друг аспект, имено дека и понатаму голем број германски граѓани ЕУ ја сметаат за некаква установа, а помалку за политички проект за кој вреди и лично да се заангажираат. Тоа сосема јасно се гледа и од постојаното опаѓање на одзивот на Германците на изборите за Европскиот парламент. Европските политичари сосема јасно би морале да го сменат стилот на работа и да им се приближат на обичните граѓани, а освен тоа и да донесуваат одлуки кои ќе одат во полза на граѓаните.

Но, и покрај сите спомнати недостатоци, во овој миг мораме да потсетиме на историската димензија на големото проширување кон Исток. Тоа претставува конечно надминување на поделбата на стариот континент, исто онака како што Германија беше обединета во октомври 1990-та. Дека повторното сраснување на она што од секогаш си припаѓало едно на друго може да се спроведе само со големи напори и со тек на време, тоа веќе цели 15 години го доживуваме на своја кожа по прашањето на надминувањето на разликите меѓу западниот и источниот дел на Германија. Но, при тоа никому не му паѓа на памет да тврди дека ваквиот чекор не се исплати!

Верица Спасовска