1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германците ќе возат електроавтомобили, а ќе летаат на биогориво

30 ноември 2010

Германската автоиндустрија се ориентира кон производство на електро и хибридни мотори. Компанијата „Луфтханза“ следната година ќе изврши пробен лет со биогориво.

https://p.dw.com/p/QLhx
Фотографија: Fraunhofer-Institut für System- und Innovationsforschung

Тисен Круп повторно бележи профит

Германскиот конгломерат Тисен Круп бележи значителен раст на профитот годинава, по катастрофалните загуби во претходната 2009. Благодарение на растот на индустријата и намалувањето на трошоците, Тисен Круп годинава забележал раст од 5 проценти, при што севкупниот промет изнесувал нешто над 42 милијарди евра, а профитот нешто повеќе од една милијарда евра. Лани, конгломератот имаше загуби од над две милијарди евра. Тисен Круп се занимава со производство на челик, автомобилски делови, подморници, лифтови и нуди индустриски услуги.

Германската автоиндустрија се врти кон електрични автомобили

Германската автоиндустрија својата иднина се‘ повеќе ја гледа во производството на електрични автомобили, смета претседателот на автомобилската федерација Матијас Висман. „Сметаме дека германските произведувачи и лиферанти во наредните четири години ќе инвестираат меѓу 10 и 12 милијарди евра во алтернативните мотори“, изјави Висман за „Зиддојче Цајтунг“. Тоа се близу 40 проценти од вкупните инвестиции за истражувања и развој на новите мотори, додека делот за електро и хибридни возила изнесува околу 5 проценти.

Луфтханза ќе лета на биогориво

Германската авиокомпанија „Луфтхазна“ најави дека наредната година ќе го изврши првиот комерцијален лет на биогориво. Авионот „Ербас А321“ на редовната линија Хамбург-Франкфурт на Мајна, ќе лета на смеса биогориво во кое 50 отсто ќе чини растително масло. Првот лет би требало да се изврши во април, при што тестирањата ќе траат шест месеци за да се утврди влијанието на биогоривото на работата на авионот.

Брисел отвори истрага против Гугл

Европската комисија отвори анти-монополистичка истрага против Гугл, поради сомневања дека компанијата ја злоупотребува својата доминантна позиција на интернет пазарот за пребарувања. Во Брисел одлучиле да реагираат откако добиле голем број жалби од клиент кои го обвинуваат интернет-гигантот дека им дава повластена позиција на своите интернет-страници само на оние кои плаќаат за услугите за пребарување. Информациите за сите останати сервисни провајдери Гугл ги сместува надолу на интернет-страницата.

Гугл ја лансира телевизијата до крајот на годинава

До крајот на оваа година „Гугл“ на американскиот пазар ќе ја лансира својата платформа „Гугл ТВ“, додека во останатиот дел од светот ќе пристигне во почетокот на 2011 година, соопшти извршниот директор Ерик Шмит. Се работи за платформа која ќе овозможи прикажување на сите Гугл веб-услуги на телевизор. Корисниците на тој начин ќе можат да сурфаат на интернет преку телевизискиот екран, како што тоа го прават на компјутер, благодарение на специјалниот навигатор заснован на оперативниот систем „Хром“.

Американците немаат пари за подароци

Речиси половина Американци ќе купат помалку подароци за празниците. Многумина ќе направат подароци во домашни услови или ќе донираат пари за добротворни цели, покажала последната студија на осигурителната компанија „Либерти Мјучуал“. Со стапка на невработеност од над девет проценти Американците се‘ уште се преиспитуваат колку пари да потрошат за празниците и за што да ги потрошат. Дури 35 отсто од испитаниците изјавиле дека ќе им дадат помалку подароци на своите најблиски бидејќи имаат помалку пари оваа година, а само 10 отсто планираат да потрошат повеќе од минатата година.

Автор: БГ/СН/дпа/дв/миа

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска