1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германци, Турци и Македонец направија карневалски клуб во Диселдорф

16 февруари 2012

Учесниците на карневалот не познаваат граници. Затоа во Диселдорф го основаа првото германско-турско карневалско здружение. И самите основачи се изненадени со тоа каков одек предизвикаа. Меѓу нив има и Македонец.

https://p.dw.com/p/143ma
Фотографија: DW

Ролф Розенкранц и неговиот турски пријател Рамазан Јаган долго време имале во главите идеја да формираат таков карневалски клуб. Но, проблеми имало во реализацијата.

Во 2011-та година, ќерката на Розенкранц била избрана за принцеза на карневалот во Диселдорф и имала многу репрезентативни обврски и појавувања во јавноста. Темата карневал повторно се вратила на врвот на агендата, а со тоа и заедничката карневалска асоцијација.

„Откако пак ја добивме идејата, некаде во ноември си рековме дека заедно ги имаме луѓето и ќе го направиме тоа сега полесно“, информира 62-годишниот Розенкранц за историското потекло на германско-турското карневалско здружение.

Karnevalseröffnung 11.11.2011 um 11.11 Uhr in Köln
Мешаниот карневалски клуб може да биде поттик за формирање на други такви клубовиФотографија: dapd

Во разновидниот микс и Македонец

Основачи биле единаесетмина – шестмина Турци, една Турчинка, тројца Германци и еден Македонец.

„Всушност, сакавме да почнеме на 11.11.2011, ама тоа не одговараше, бидејќи некои од членовите беа на одмор“, објаснува Розенкранц. Тие морале да чекаат со основањето до крајот на ноември, бидејќи предуслов за формирање на здружение во Германија е да се има седум членови. Интеграцијата на странците не е приоритет во асоцијацијата.

„Не можам веќе да го слушам тој збор“, вели Јаган, кој пристигнал во Германија кога имал шест години. „Интегриран сум овде, а ние сите сме дел од оваа земја и сите ние овде плаќаме данок. Живееме овде како втора, трета, а некогаш и четврта генерација. Целосно се идентификуваме со градов и земјава“, додава Јаган.

Symbolbild Karnveval Clowns Feiern
Почнува прославата на петото годишно време - карневалотФотографија: dapd

И Розенкранц ја отфрла мислата за интеграција. „Тоа не ни‘ е основниот мотив. Рековме дека работиме заедно, пријатели сме приватно и затоа можеме и заедно да славиме“, додава Розенкранц. Ако од сето тоа произлезе и придонес за интеграцијата, тогаш со задоволство го прифаќаме, вели Розенкранц.

Тој и Јаган забележале дека во Германија странците чувствуваат внатрешни пречки да му пристапат на некое од карневалските здруженија. Со основањето на здружението ДТЦ треба да се помогне во надминување на тие внатрешни пречки кај луѓето. Можеби на луѓето ќе им помогне кога ќе видат дека „во нашето општество веќе има Турци, Португалци, Хрвати и Македонци“, објаснува Розенкранц. А, на неговото здружение му оди добро. Пред почетокот на карневалската сезона 2012-2013 тоа си постави за цел да достигне 100 членови. Се чини дека таа цел може и порано да се оствари, бидејќи веќе има околу 40 членови.

Сигнал за отворање други клубови

А, Германецот и Турчинот засекогаш ќе останат пионери во германско-турскиот карневал.

„Веројатно испративме сигнал во Републиката, за други да го следат нашиот пример и да основаат свои клубови. Поради тоа многу се радуваме“, вели Јаган, кој по професија е бизнис консултант. Тој се надева дека можеби некогаш ќе имаат можност да бидат повикани од политичарите, како позитивен пример, бидејќи чувствуваат дека Германија е нивниот дом.

Денеска почнува прославата на карневалот во Северна Рајна Вествалија, кој се смета за петто годишно време.

Автор: Арне Лихтенберг / Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска