1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гернот Ерлер: Се соочуваме со минатото

Јорданка Јорданова / Жана Ацеска12 февруари 2013

Друштвото за Југоисточна Европа ја доделуваше наградата „Рудолф Фогел“ на истакнати новинари. Неодамна излезе на виделина - оној чие име го носи признанието, бил дел од НС-пропагандната кампања во Втората светска војна.

https://p.dw.com/p/17crd
Фотографија: dapd

Во врска со сознанијата за нацистичкото минато на човекот чие име го носеше наградата која ја доделува Друштвото за Југоисточна Европа, Дојче веле разговараше со Гернот Ерлер, претседател на Друштвото, пратеник во Бундестагот од Социјалдемократската партија.

Дојче веле: Господине Ерлер, Друштвото за Југоисточна Европа од 1992 година ја доделува наградата „Рудолф Фогел“ на новинари. Како се случи цели две децении да се дава награда наречена по еден новинар од НС-пропаганда?

Гернот Ерлер: Друштвото за Југоисточна Европа и јас лично исклучително жалиме за овој пропуст, имено, што не сме провериле подетално што се‘ се случило во текот на животниот пат на Рудолф Фогел. Него го познававме како еден од нашите претседатели (на Друштвото, н.з.) и како човек кој бил длабоко вкоренет и интегриран во политичкиот живот во повоениот период. Меѓу 1949. и 1964. година тој бил член на германскиот Бундестаг од Христијанско-демократската унија, потоа четири години амбасадор во ОЕЦД во Париз и во 1968/69 година дури и кратко време државен министер во тогашното Сојузно министерство за финансии. Фогел исто така е одликуван со Сојузно признание за заслуги. Тоа сето не се поводи поради кои би се рекло дека е нужно поинтензивно соочување со неговата работа за време на времето на националсоцијализмот.

За жал, ние не го направивме тоа, така се случи да ја доделуваме оваа награда, која тој самиот еднаш ја предложи, додека беше претседател на Друштвото за Југоисточна Европа, меѓу 1959. и 1965. година. Потоа уште триесет години беше заменик-претседател. Тој остави силен печат на почетната фаза на ДЈИЕ и ја донираше оваа награда, без ние или тогашните членови на Друштвото за Југоисточна Европа да знаеме било што за неговата активност за време на националсоцијализмот.

ДВ: Дури откако годинешниот добитник на наградата Андреас Ернст одби да го прими признанието „Рудолф Фогел“, тоа беше преименувано. Дали оваа ситуација ќе му штети на угледот на ДЈИЕ?

Гернот Ерлер: Јас би жалел поради тоа. Се разбира, ние сме му многу благодарни на д-р Андреас Ернст, дописник на „Ноје цирхер цајтунг“ од Белград што веднаш прифати да ја прими „Новинарската награда на ДЈИЕ“, откако ние еден ден порано (петок, 8.февруари), на мој предлог во претседателството на ДЈИЕ, едногласно решивме да не го користиме во иднина повеќе името на Рудолф Фогел во ниеден контекст и наместо тоа наградата да ја преименуваме во „Новинарска награда на ДЈИЕ“. Денеска (11.02.2013) им се обративме писмено на сите досегашни 20 носители на наградата и им се извинивме за овие околности. Ние притоа нагласивме - секогаш сакавме да го наградиме само ангажираното и професионално новинарство во ЈИЕ, жалејќи што со името на Рудолф Фогел врз тоа падна одредена сенка. На нашата интернет страница, преку мое соодветно објаснување, исто така јавно се извинивме. Се случи колективен пропуст поради недоволна проверка. Иако, од пред неколку години би било релативно лесна проверка преку Гугл за постоење на период во кој Рудолф Фогел бил ангажиран како пропагандист во нацистичкото време.

ДВ: Дали сега очекувате префрлувања?

Гернот Ерлер: Префрлувањето е оправдано, зашто никој од нас во ДЈИЕ, како ниту некој од досегашните 20 носители на признанието, не го постави прашањето, па дури и од интересирање, кој бил всушност Рудолф Фогел. Штетата настана поради овој пропуст. Но, укажувам дека ДЈИЕ реагираше веднаш откако го имаше сознанието, веднаш го прекина доделувањето на наградата „Рудолф Фогел“. Притоа, уште претходно реши поинтензивно да се зафати со својата сопствена историја. Лани одбележавме 60-годишнина од постоењето и дадовме налог за поинтензивно зафаќање со нашата историја, без воопшто да знаеме дека тоа може да има врска со Рудолф Фогел. На 8 февруари во Бохум, на Собирот на нашите членови, решивме да го конкретизираме и забрзаме истражувањето на нашата историја, така што наесен, како прв чекор, ќе отвориме колоквиум за историјата на Друштвото за Југоисточна Европа. Значи, го направивме тоа што во оваа тешка ситуација можевме да го направиме. Тоа го направивме веднаш и едногласно, со истовремено извинување кај сите засегнати за пропустот.

ДВ: Дали оваа експертска група за преработка на историјата на ДЈИЕ ќе биде формирана по примерот на Министерството за надворешни работи, кое ангажираше независна комисија од историчари?

Гернот Ерлер: Ќе се соочиме со нашето минато, ќе се погрижиме за писмена основа и подготовка за колоквиумот, која ќе ја одразува состојбата на сознанијата и ќе формулира прашања кои мора да бидат одговорени. Но, како што веќе истакнав, налогот е веќе даден и сега само ќе ја забрзаме работата. Значи, ние сме решени да се соочиме поблиску со нашата сопствена историја, се разбира и со историјата пред 1945 година, која има врска со Институтот за Југоисточна Европа и Друштвото за Југоисточна Европа во Виена.

Во нашите сопствени редови имаме некои историчари, а замоливме и една петчлена група да се зафати со тоа. Но, ќе приклучиме и историчари надвор од ДЈИЕ, кои на било кој начин пишувале на оваа тема. Еден од нив на пример е д-р Матијас Беер, кој веќе научно се изјасни во врска со слични теми. Се обидуваме да вклучиме и експертиза однадвор.

ДВ: Кога може да се очекуваат резултати од истражувањето?

Гернот Ерлер: Наесен ќе се одржи првата манифестација, симпозиум. Не можеме да избрзуваме со поопсежни архивски истражувања, исто потребни, тие мора да се направат темелно. На манифестацијата наесен ќе се посоветуваме околу идните чекори, за евентуални конкретни истражувачки налози. Симпозиумот во секој случај треба да понуди преглед што знаеме, а што не, да покаже кои се отворените прашања.

ДВ: Дали експертите ќе го анализираат минатото на ДЈИЕ со нужната неутралност?

Гернот Ерлер: Надворешните експерти во секој случај. Но, верувам дека и нашите експерти имаат голем интерес да дознаат што повеќе. Постојат различни раздобја, постои периодот до 1945, а се разбира, знаеме дека претходниците на нашето друштво играле некаква улога во Третиот рајх, посебно во „Анализата на непријателот“. Знаеме исто така дека во поширокиот круг, но и во кругот на основачите на во 1952. година формираното Друштво за Југоисточна Европа, постоел персонален континуитет. Се појавуваат личности кои имаат соодветно заедничко минато со претходните организации. За овој персонален континуитет, но и за предисторијата и развојот по 1945. година, до формирањето на Друштвото, нема многу публикации. Тука е потребна научна работа заради доаѓање до конкретни и точни сознанија. Но, ќе почнеме прво со констатирање на досега познатото, за потоа да решиме каде ќе бидат тежиштата на нашата сопствена, односно работата на надворешните експерти.