1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гигантска моќ на рејтинг агенциите

13 јули 2011

И покрај грешките што ги направија за време на кризата во САД, рејтинг агенциите денес се помоќни од кога и да е порано. Критичарите ги обвинуваат агенциите за заострување на кризата и бараат намалување на нивната моќ.

https://p.dw.com/p/11u7R
Критичарите фрлаат со „дрвја и камења“ по рејтинг агенциите
Критичарите фрлаат со „дрвја и камења“ по рејтинг агенциитеФотографија: picture-alliance/dpa

Европските политичари немаат добро мислење за меѓународните рејтинг агенции. Секогаш кога тие имаат некоја радосна вест, агенциите испраќаат заплашувачка порака. Пример: на средината на јуни германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози изјавија дека приватните инвеститори не треба да бидат принудени да се жртвуваат за спас на Грција, но тие можат да учествуваат добороволно во помошта за таа земја. Германско-француската порака до пазарите гласеше: се‘ ќе биде добро, не плашете се! Подоцна, уште во текот на истиот ден, рејтинг агенцијата Мудис на Италија и‘ се закани дека ќе го намали нејзиниот рејтинг. Пораката на агенцијата: кризата се шири, се заканува пожар. Непосредно потоа за збор се јави и рејтинг агенцијата Фич - дури и ако инвеститорите добороволно прифатат продолжување на роковите на грчките државни обврзници, тоа ќе се смета за платежна неспособмност на Грција. Пораката гласи: Грција е банкрот, вака или онака.

Заговор против еврото?

Дел од политичарите во тоа „намирисуваат“ дури и заговор против еврото. Јоахим Пос, заменик шеф на пратеничката група на социјалдемократите во Бундестагот, во едно интервју за ВДР рече:

„Играта на американските рејтинг агенции мора да се следи со чувство на голема непријатност. Таму има и сили кои отсекогаш биле против тоа на Европејците да им успее големиот проект за заедничка европска валута.“

Агенциите тврдат дека се независни коментатори на фрактите што се презентираат
Агенциите тврдат дека се независни коментатори на фрактите што се презентираатФотографија: DW

Се разбира, рејтинг агенциите на тоа гледаат поинаку и се презентираат радо како трезвен глас на разум. Торстен Хинрихс, шеф на Стандард и Пурс во Германија, вели:

„Вредноста на една рејтинг агенција и бизнис-моделот на една рејтинг агенција се базираат речиси исклучиво врз довербата на инвеститорите. Ние сме независни коментатори на фактите кои се презентираат. Рејтингот ја изразува способноста на еден должник да одговори на своите обврски целосно и навремено. Ако веројатноста дека ќе се плати навреме и целосно е доведена под сомневање, или како во случајот на Грција - под големо сомневање, тогаш рејтинг агенцијата мора да реагира со намалување на рејтингот.“

Би променила ли нешто европска рејтинг агенција?

Хинрихс самиот кажува - се работи за оценка на веројатноста. Затоа рејтинзите не се егзактна наука, туку повеќе наликуваат на прогноза на времето. При банкротот на американскиот енергетски концерн Енрон, агенциите направија погрешна проценка, а во американската криза на пазарот на недвижности дури погрешно проценија цела низа инвеститорски продукти.

Рејтинзите не се егзактна наука, туку повеќе наликуваат на прогноза на времето
Рејтинзите не се егзактна наука, туку повеќе наликуваат на прогноза на времетоФотографија: DW-TV

Затоа, постојано се бара основање европска рејтинг агенција, како противтежа на американските агенции. Ако врз ваква една агенција може политички да се влијае, инвеститорите нема да им веруваат на рејтинзите. Ако таа биде независна од политиката, можеби ќе доаѓа до истите оценки како и етаблираните агенции. Така на работите гледа професорот по економија Томас Штраубхар, директор на Хамбуршкиот институт за светска економија, ХББИ:

„Затоа, денес не ни‘ се потребни рејтинг агенции за да утврдиме дека Грција е пред банкрот. И европска рејтинг агенција нема да може да промени нешто на ваквиот очигледен факт, ниту ќе може да го корегира.“

На наредната страница:

Зацементирана позиција

И покрај тоа, Штраубхар се вбројува меѓу најострите критичари на големите американски рејтинг агенции. Тој дури побара и „брутално развластување“ на агенциите:

Bürogebäude der amerikanischen Ratingagentur Standard & Poor's Logo
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Мислам дека не може приватно организирани друштва, чија највисока цел е максимирање на добивката, да смеат да се однесуваат како највисоки судии и да носат оценки кои се обврзителни за трета страна.“

Доминацијата на трите големи агенции - Стандрад и Пурс, Мудис и Фич - е навистина голема. Тие заедно владеат со 95% од рејтинг-бизнисот, во кој се активни повеќе од 100 години. Значи, многу време за етаблирање на пазарот. Нивната посебна позиција е зацементирана и со закон, прво само во САД, а потоа и во Европа, објаснува Штраубхар:

„Ваквата посебна позиција е поврзана со тоа што ние Европејците, во 90-тите години бевме, повеќе или помалку, под притисок на американските рејтинг агенции и рејтинзите на трите големи агенции се прогласени за обврзувачки при активност на европски фирми на американскиот пазар на капитал.“

Она што прво важеше само за фирмите кои сакаа да позајмат пари од американски инвеститори, наскоро зафати и пошироки кругови. Во меѓувреме, рејтинзите се законски пропишани и кај определени уредби за биланси и за сопствен капитал за претпријатијата во Германија. Европските пензиски фондови и осигурувања можат да инвестираат пари само во хартии од вредност, кои од страна на агенциите се оценети како сигурна инвестиција. А, оценката на рејтинг агенциите игра улога и при стрес-тестовите за банките и осигурувањата кои ги реализираат државните финансиски надзорни органи.

Logo der Moody's Corp. in New York
Фотографија: AP

Во законските прописи трите големи агенции не се наведени со име, но со оглед на тоа што само тие ја покриваат сферата на рејтинзи, тие и профитираат особено многу од ваквите прописи.

Предноста на големата тројка не се стигнува лесно

Истражувачот Штраубхар најрадо би ги деградирал трите големи агенции во сосема нормални играчи, чии оценки би биле во конкуренција со оценките на голем број други агенции. Европската комисија, пак, сака повеќе да ги контролира агенциите и за наесен најави законско решение во оваа сфера.

Европската комисија, пак, сака повеќе да ги контролира агенциите и за наесен најави законско решение во оваа сфера
Европската комисија сака повеќе да ги контролира агенциите и за наесен најави законско решение во оваа сфераФотографија: picture alliance/ZB

Торстен Хинрихс, шеф за Германија во Стандард и Пурс, наспроти тоа, е против посилна регулација. Но, тој нема ништо против отстранување на обврската за наведување на рејтинзите во регулаторските прописи. Освен тоа, и сега инвеститорите имаат можност да веруваат во оценката на други агенции:

„Има голем број рејтинг агенции, мислам во светот ги има над 100. Тие продуцираат рејтинзи, а делумно и се специјализираат на делови од пазарот, или на региони. Доминацијата на трите големи агенции може да се објасни главно со тоа дека инвеститорите и покрај доволниот број алтернативи што ги имаат, најголемо внимание им посветуваат на трите агенции кои дејствуваат глобално.“

Хинрихс знае дека предноста на големата тројка не може да се стигне толку лесно. Конкурентите не само што мораат да се борат за доверба на пазарите, туку мора да бидат и доволно големи за воопшто да можат да понудат голем број рејтинзи. Штраубхар ја споредува доминацијата на трите големи агенции со онаа на Мајкрософт во компјутерската сфера. Се‘ едно дали ќе се заоструваат законските прописи или ќе се поттикнува конкурентноста, за промена на односите во секој случај ќе биде потребно многу време.

Автор: Андреас Бекер / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски