1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гилад Шалит се врати дома

18 октомври 2011

Израелскиот војник Гилад Шалит кој пет години беше во заложништво во Појасот Газа се врати во Израел, како дел од големата размена на затвореници. Во замена за Шалит , Израел само денеска ослободи преку 400 Палестинци.

https://p.dw.com/p/12uCT
Гилад Шалит снимен од страна на египетската телевизијаФотографија: dapd

„Гилад се врати дома“, со задоволство изјави главниот портпарол на израелската армија, бригадниот генерал Јоав Мордекаи, на прес-конференцијата на граничниот премин Керем Шалом. „Во овој момент Шалит чекори на територијата на израелската држава, Гилад Шалит се врати во неговата татковина и на неговото семејство“, изјави генералот Мордекаи.

Кусо пред ваквата најава египетската телевизија ја емитуваше првата видео снимка со ослободениот израелски војник, на која тој можеше да се види во придружба на претставници на Египет и на палестинското исламистичко движење Хамас, кое од 2006 година го држеше Шалит во заложништво и денеска го ослободи во рамките на договорената размена на затвореници со Израел.

Freilassung Gilad Schalit Soldat Israel
Шалит (со црното капче ) во моментот кога им беше предаден на египетските претставници од страна на припадниците на ХамасФотографија: dapd

Шалит во замена за преку 1000 Палестинци

Размената предвидува пуштање од израелските затвори на 1027 палестински затвореници. Првата група од 477 Палестинци беше ослободена од израелските затвори веќе денеска додека останатите 550 затвореници ќе бидат пушени на слобода во текот на наредните два месеци. Договорот за трампа на затвореници Израел и Хамас го потпишаа минатата недела со посредништо на Египет и со помош на германски олеснувачи на преговорите. Според договорот, припадници на Хамас најнапред го донесоа Шалит на египетска територија и им го предадоа на египетските претставници, а потоа тој му беше предаден на Израел.

Слично беше и со автобусите со првите ослободени палестински затвореници кои најнапред ја минаа границата на Израел кон Египет и потоа неколку минути по пристигнувањето на Шалит во Израел, беа префрлени на територијата на Појасот Газа.

Austausch israelischer und palästinensischer Gefangener
Конвој автобуси со солободени палестински затворенициФотографија: AP

Бан ја поздрави размената

Египетската телевизија во меѓувреме емитуваше кусо интервју со Шалит во кое тој изјави дека е во добра здравствена состојба:

„Ми недостасуваше моето семејство“, истакна Шалит, изразувајќи надеж дека договорот кој овозможи негово ослободување од заложништво ќе води кон мир меѓу Палестинците и Израелците.

Слични надежи изрази и генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун:

„ Оваа размена на затвореници, ќе има далекусежно позитивно влијание на блискоисточниот мировен процес“, изјави Бан во Швајцарија .

Автор: Симе Недевски/ЖА/ртр/афп/ап

Редактор: Борис Георгиевски