1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глас преку интернет

24 јуни 2009

По изборите во Иран, чиј резултат е оспоруван од страна на опозицијата, на демонстрации излегоа стотици илјади граѓани. Но, многумина го открија и интернетот како можност за да го изразат својот протест.

https://p.dw.com/p/IXHr
Интернетот игра голема улога во ИранФотографија: picture-alliance/ dpa

Неда имаше 19 години, беше смртно погодена во градите од снајперист на Басиџ-милицијата при демонстрациите во Техеран и почина на улица. Вака барем пишува на интернет. Од изминатиот викенд на „ворлд вајд веб“ може да се најдат видео снимки, кои ја документираат драматичната смрт на Неда. На интернет таа стана симбол на отпорот. Но, дали Неда навистина постои?

Trauer im Iran um Neda
Жалост по смртта на НедаФотографија: ap

Политикологот Шахрам Најафи, кој од Германија го следи развојот во Иран, одговара: „Да, Неда постои. Во меѓувреме, овој случај е многу добро документиран. Веќе разговараа со нејзиниот свршеник и луѓето знаат дека снимките ги направил пријател, лекар. Тој самиот го документираше случајот на интернет. Случајно се нашол во близина и се обидел да ја спаси Неда, односно да го сопре крварењето, но не успеал. Неговиот пријател ја направил снимката, што може да ја видиме на интернет.“

Видео снимки на интернет - извор на информации

Ваквите видео снимки деновиве се шират со невидена брзина: слики на мртви, крв, луѓе кои протестираат, полицајци кои ги удираат демонстрантите, насекаде хаос и оган и изразот на одлучност на лицата на протестантите, кои во ист глас извикуваат „Алах-о-Акбар“ или „Господ е голем“. Класичните медиуми, уште од почетокот на протестите пред десетина дена, имаат тешкотии со известувањето, странските новинари во Иран постојано беа заплашувани и добиваа забрани за работа. Колку во ваква ситуација информациите објавени од граѓаните се важни и доверливи? Одговорната за контакт со медиумите во невладината организација „Репортери без граници“, Анја Фиол одговара: „Прво мора да кажеме дека без овој дополнителен извор на информации преку интернет, деновиве немаше да видиме ниедна слика, ниту ќе го чуевме гласот на очевидците. Дури и конвенционалните медиуми се принудени во моментов да ги користат овие материјали. Интернетот доби поголемо значење и е многу важен за пренесување на информациите.“

Video von Todesopfer bei Demonstration
Видео од демонстрациитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Колку вестите се веродостојни?

Особено по изборите, меѓународната платформа Твитер за многу Иранци стана простор за размена на информации - како замена за цензурираните ирански медиуми и забраната за известување на странските. Но, покрај приврзаниците на Мусави, на популарните интернет- платформи информации доставуваат и пропагандистите на официјалниот победник, Махмуд Ахмадинеџад. Под псевдонимот „лакикиви“, еден корисиник на Твитер напиша дека сето ова е заговор на Израел, за да го дестабилизира Иран. Твитер се обидува да го спречи ширењето на дезинформации и ги блокира корисниците како овој.

Iran Wahlen Symbolbild Facebook Twitter Demonstrationen Mir Hossein Mussawi
Иран и интернет платформитеФотографија: AP / DW Fotomontage

Но, прашање е колку ваквите мерки, можат да придонесат за автентичноста на вестите. Анја Фиол: „Сите сили во Иран, се разбира, го инструментализираат интернетот, создаваат блогови и објавуваат коментари. Секоја чест на работата на таканаречените граѓанските новинари, но целосно доверливи и неманипулирани информации на интернет нема. Токму сега е многу тешко информациите коишто се шират на интернет да бидат уште еднаш проверени, согласно новинарските критериуми“, вели Фиол и наведува дека ако се посегне по долгогодишните контакти што ги имаат странските медиуми во Иран, се забележува дека информантите се се’ помалку подготвени да даваат информации поради зголемените притисоци.

Како и да е - интернетот засега останува најважен извор на информации за ситуацијата во Иран.

Автор: ФМ(ДЛФ)/КБ/АТ/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска