1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гневот на понижените и обесправените

12 јануари 2011

Се шират немирите во Тунис, во протестите на младите загинаа десетици лица. И во Алжир има жртви во демонстрациите. Невработеност, растечките цени на прехранбените производи и немањето животна перспектива-главна причина.

https://p.dw.com/p/zwNn
Насилни протести во повеќе градови во ТунисФотографија: picture-alliance/dpa

Со оглед на протестите во Тунис, кои со недели ја потресуваат земјата на Средоземното море, владата денеска (12.01.2011) за прват сигнализираше подготвеност за компромис. Премиерот Мохамeт Гануши најави ослободување на сите лица кои биле упасени од почетокот на протестите, кон средината на декември мината година, како и отпуштање на министерот за внатрешни работи Рафик Белај Кацем. Освен ова треба да биде формирана и комисија, за да ги расветли случаите на корупција на кои укажуваат опозицијата и поборниците на граѓанските права.

Во меѓувреме во Тунис патролира и војската, откако синоќа дојде до жестоки судири во едно од предградијата на главниот град. Во досегашните протести загинаа повеќе лица, според владата 21, додека синдикатите тврдат дека изминатиот викенд биле убиени повеќе од 50 лица. Претседателот на земјата Зине ал-Абидине Бен Али изјави дека протестите се управувани од странство за да му наштетат на Тунис. Демонстрации има и во Алжир.

Различни поводи, исти причини

Солзавец и запалени автомобилски гуми - невообичаени слики од Тунис, земја позната како туристички рај. Невообичаени се и размерите на протестите. Слични слики доаѓаат истовремено и од Алжир. И тука на улиците претежно се млади луѓе. Конкретните поводи за насилството се различни, но причините главно идентични: невработеноста и бесперспективноста на младите под 35 години, генерација која во двете земји е мнозинство во населението. Погодени притоа не се само младите од сиромашни семејства, туку и факултетски образованите. Еден од нив е и 27-годишниот Рафик од тунискиот град Тала. Тој веќе три години безуспешно бара работа.

„За да се добие работно место, треба да се плати мито или да се имаат врски. Ако немаш пари или врски, не добиваш ништо, а ако се пожалиш, стигнуваш в затвор!“

Без работа за младите остануваат недостижни идеите за стан или семејство, останува бесперспективна иднина. Во двете земји одамна важи истото како во соседно Мароко: оној кој може, се иселува легално или нелегално во Европа.

Чувство на пониженост и обесправеност

Но, младите луѓе на улица не ги тера само невработеноста, туку и политичкиот притисок, чувството на непочитување од страна на моќните, т.н. „хогра“. Во Тунис се` почна со тоа: чувството на пониженост натера еден млад човек јавно да се запали. Со години се обидувал да се пробие како обесправен трговец на зеленчук и повеќепати бил шиканиран од властите. Случајот доби сила на симбол и доведе до огромно ширење на протестите.

Tunesien Gewalt Proteste Januar 2010
Гнев на обесправените во ТунисФотографија: picture-alliance/dpa

Богата земја, сиромашно население

И во Алжир многумина зборуваат за чувство на обесправеност, тоа доведе до ограбување на продавниците и палење на симболите на благосостојба. Земјата во никој случај не е сиромашна, спаѓа во светски најважните извозници на нафта и земен гас. Од 57 милијарди американски долари според проценките, кои Алжир лани ги остварил, речиси ништо не стигнало кај широкото население, сметаат експертите. Вернер Руф, политиколог, појаснува:

„Алжир е многу корумпирана држава. Елитите си ги присвојуваат приходите во својот џеб или се купуваат непродуктивни работи, како оружје.“

Тоа е особено опасен социјален развој во регион, кој според статистиките, со години бележи добра економска развојна стапка.

Некои експерти не исклучуваат прелевање на протестите на други земји, како Мароко.

Algerien Polizei Ausschreitungen
Младите Алжирци го креваат гласотФотографија: AP

Слобода на печатот

Во Тунис демонстрациите се насочени и против ограничената слобода на мислењето. Државната цензура на медиумите се` почесто се заобиколува преку мобилните телефони и социјалната мрежа Фејсбук. Наставник од градот Тала објаснува како оди тоа:

„Имам мобилен телефон и профил на Фејсбук. Правам фотографии од протестите на улиците, снимам извештаи на очевидци и ги ставам на Фејсбук. Освен тоа, ги повикавме светските новински агенции да ја скршат изолацијата во која сме ставени.“

Гневот на демонстрантите е голем, но експертите истакнуваат дека проблемот е во тоа што ни во Тунис, ни во Алжир нема веродостојна политичка алтернатива на сегашниот политички систем. Протестите затоа се предизвик за властите да дозволат што пошироки маси од народот да земат учество во повисок стандард и во плодовите од економскиот развој.

Автор: Хамселасил Ајари/Лоај Мадхун/Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема