1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Година која брзо се заборава

6 септември 2010

Со Сплит стивнува атлетската 2010 година. Последните такти беа на Купот на континентите, натпреварување кое е модификација и сукцесор на Светскиот куп. Тука учествуваа имиња од атлетската елита.

https://p.dw.com/p/P533
Куп на континентите во СплитФотографија: Zlatko Kalinski

Сплитската арена на залезот од сезоната беше удостоена со мнозинството имиња, кои ја сочинуваат атлетската елита. Поделени во четири континентални селекции, атлетичарите во две вечери протатнеа на сплитскиот тартан. Завршниот резултатски огномет го предизвикаа Лагат, Леметр, Геј, Оливер, Рипакова, Рудиша, Германецот Хартинг, а најмногу домашната миленичка, кралицата на височините, Хрватката Бланка Влашиќ. Прескокна 205 сантиметри и одново безуспешно го нападна светскиот рекорд на Бугарката Костадинова. На крај беше испратена со овации. Со многу емоции зборува за Дојче веле:

„Ова нема врска ниту со светските првенства, ниту со олимписките медали. Ова е онаму од каде што потекнуваш, од каде што ти е срцето, да покажеш колку можеш. Сево ова ме прави да бидам горда, исклучително среќна. Сега знам дека се‘ што работев не било залудно.“

Година која брзо ќе се заборави

Во Сплит на Пољуд недостигаше најголемата планетарна атлетска звезда Јусаин Болт. Повредата го оневозможи. Релативно рано ја заврши сезоната, која веројатно ионака не му беше од врвен приоритет. Впрочем и на многумина други.

Гледајќи во тромесечието наназад, ова беше една од оние атлетски години, која сепак брзо се заборава. Сместена меѓу две Олимпијади и две светски првенства и нереално беше да се очекуваат поголеми резултатски потреси. Имаше неколку.

Анита Влодарчик од Полска во фрлање кладиво и Кениецот Дејвид Рудиша на 800 метри се светски рекордери на 2010-та.

Спринтот, еден од најспектакуларните сегменти на атлетиката во името на францускиот тинејџер Кристоф Леметр го направи децениски очекуваниот исчекор. Тој е првиот атлетичар-белец, кој 100 метри истрча под 10 секунди-9.98.

Новина-Дијамантската лига

Атлетската 2010-та најзначајната новина ја имаше во востановувањето на Дијаманската лига. 15-те митинзи во текот на летото се продолжение на златните 4 митинзи, па потоа на златната лига, сега трансформирани во екстензивното натпреварување распространето на сите континенти. Нов прогрес ли е ова за светската атлетика? Асовите се со вакво мислење.

Blanka Vlasic
Бланка ВлашиќФотографија: Zlatko Kalinski

Американецот Дејвид Оливер, најдобриот во оваа година на 110 метри со пречки:

„Јас уживев во Дијамантската лига.Тоа е нов атлетски прогрес. За мене големо искуство. Се надевам дека наредната година таа ќе биде уште подобра.“

Најдобриот светски копјаник на денешницата, Норвежанецот Ајнар Торкилдсен е со вакви импресии од Дијаамнтската лига:

„ Мислам дека таа е позитивна. Повеќемина атлетичари добија шанса да покажат што можат. Мислам дека во наредната година таа ќе биде уште подобра. Има голем потенцијал во наредните години.“

Бланка Влашиќ е со слично мислење:

„Супер е сите добија можност да се докажат. Тоа веќе не се само неколку дисциплини во кои неколкумина се натпреваруваат за џек-потот, сега сите се под светлата на рефлекторите. Според мене, ова е нешто подобро.“

Со громогласниот аплауз на Пољуд, главнината на светската атлетска 2010 е испратена. 2011-та носи поголема возбуда особено со светското првенство во Даегу во Јужна Кореја.

Автор: Златко Калински

Редактор: Жана Ацеска