1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големата коалиција во Германија станува реалност

15 ноември 2005

Трите партии партнери во неа – ЦДУ, ЦСУ и СПД дадоа согласност за договорот постигнат во преговорите за формирање коалиција

https://p.dw.com/p/AcBJ
Шредер,Минтеферинг и Плацек се „за“
Шредер,Минтеферинг и Плацек се „за“Фотографија: AP

На конгресот на социјалдемократите во Карлсруе за резултатот на преговорите се расправаше трезвено и без емоции. Од околу 500 делегати само 15 гласаа против, а петмина беа воздржани. И покрај критиките на поедини точки, јасно беше дека за СПД во моментов нема алтернатива за големата коалиција.

„Коалицијата мора да се докаже со дејствувањето. Тоа денес не може да се знае. Но, ние можеме да увериме. Прашање е дали се бара шанса, или од преголем страв од смрт ќе се изврши самоубиство. Овде сега мора да се направи скок, мора да имаме смелост да влеземе во оваа коалиција и да бидеме уверливи. Ако ни успее тоа, сигурен сум дека и луѓето ќе ја прифатат големата коалиција“ – рече идниот вицеканцелар и министер за труд Франц Минтеферинг.

Тој доби широка поддршка - само еден делегат беше против неговото назначување за вицеканцелар; другите кандидати на СПД за министри беа потврдени без гласови против.

Социјалдемократите денеска на Конгресот ќе му се посветат на изборот на раководство на партијата. Со сигурност се очекува 51-годишниот покраински премиер на Бранденбург Матијас Плацек да го преземе кормилото на партијата. Уште пред 4 месеци многумина ги отпишаа социјалдемократите – денес тие се рамноправен партнер во идната влада со партиите на Унијата, укажа Плацек. „Кој навистина мислеше дека ние ќе воведеме родителски додаток, дека ќе има данок за богатите, што одговорноста навистина ќе ја распредели врз силни раменици во нашава земја? Одвај некој да веруваше во ова. Ние се боревме за тоа и успеавме“.

Канцеларот на заминување Герхард Шредер со трогателни зборови се прости од партијата и агитираше за големата коалиција.

Во ЦДУ коалициониот договор не предизвика бура од воодушевување, но сепак уште вчера рано попладне делегатите на малиот конгрес во Берлин дадоа согласност за него со само три гласа против и еден воздржан. Подоцна големата коалиција ја визира и ЦСУ на собирот во Минхен - тоа едногласно.

Големата коалиција е единствената перспектива, истакна Ангела Меркел. Таа призна дека нејзината партија радо би сакала во преговорите да можеше да постигне повеќе во политиката на пазарот на работна сила. За демохристијаните трн в око е данокот за богатите, а кардинална грешка што не било договорено подрастично намалување на придонесите на платите. Но, оценето беше дека коалициониот договор сепак не бил нездрав компромис.

„Тој е појдовен пункт за заедничко чекорење со еден партнер со кого 40 години бевме заплеткани во најдлабоки борби. Тоа не е едноставно, но преговорите покажаа оти и другите ќе се подложат на таа одговорност“ – уверуваше Меркел дека ќе може заеднички да се владее со долгогодишните политички противници.

Сега на 22-ри ноември претстои формалниот чин на избор на Ангела Меркел за канцелар, а потоа и на членовите на нејзиниот кабинет.

Јенс Турау / Нина Веркхојзер