1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема акција против мафијата во Италија

БГ/миа23 октомври 2012

Повеќе од 60 луѓе се уапсени, а конфискувани финансиски и материјални активи за повеќе од 230 милиони евра, денеска во Италија во три акции против организираниот криминал.

https://p.dw.com/p/16VBI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Палермо полицијата уапси 41 член на сицилијанската мафија Коза ностра. Тие се осомничени за учество во рекетирање, шверц со дрога, незаконско поседување на оружје и други криминални дела. Меѓу „жртвите“ на осомничените се продуценти на телевизиска серија, која се снима во Палермо, како и локални бизнисмени и сопственици на продавници, соопшти полицијата, која изврши претреси и во неколку обложувалници, кои се сопственост на мафијата.

Во градот Торино уапсени се 22 наводни члена на наполитанската Ндрангета, криминална група од јужната област Калабрија, која оперира и во северниот регион на Италија. За време на полициската акција биле одземени активи за неколку милиони евра.

Во Реџо ди Калабрија, главниот град на областа Калабрија, даночната полиција денеска конфискува активи за 230 милиони евра, вклучувајќи ги контролните пакет акции во два познати хотела и локалниот кошаркарски клуб. Одземените активи биле во сопственост на двајца бизнисмени, уапсени минатата година под сомнение дека се поврзани со мафијата. Се претпоставува дека тие учествувале и во перењето на пари од име на Доменико Кондело, шеф на Ндрангета, кој беше притворен овој месец, по неговото 20-годишно криење.