1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема опасност од зарази

Даниела Корина Шпет/ Симе Недевски13 ноември 2013

Стотици илјади луѓе на Филипини по тајфунот Хаијан и натаму чекаат на пратки со храна, лекови и вода за пиење. Особено важна е чистата вода бидејќи во спротивно би можело да дојде до зарази и епидемии.

https://p.dw.com/p/1AGXT
Фотографија: Reuters/Erik De Castro

Уништени патишта, разурнати згради, мртви тела на луѓе и животни кои полека се распаѓаат.„Таму изгледа како во војна“. Вака Андреас Шулц, директор на организацијата Лекари без граници ја опишува на Филипините по катастрофата што ја предизвика тајфунот Хаијан. Тој во главниот град на Филипините, Манила, веќе го испрати вториот тим лекари за пружање на прва помош.

Овој тим лекари работи заедно со филипинските колеги на островскиот архипелаг Висајас и таму им пружа итна медицинска помош на лицата повредени првенствено при уривањето на зградите. „Нашиот тим на лекари и психолози на лице место секогаш одново доаѓа до границите на своите можности. Во моментов најголем проблем е воопшто некаде да се стигне. Тајфунот ја разурна речиси целокупната инфраструктура. На нашите лекари на пример за минување на патот од аеродромот на Таклобан до градот за кој инаку се потребни 20 минути, сега им требаа 4 часа“, раскажува Шулц.

Philippinen Taifun Zerstörung
Фотографија: Reuters

Нечистата вода за пиење како извор на епидемии

„Насекаде се наоѓаат фекалии, така што постои голема опасност од создавање на разни бактерии кои можат да се прошират“, додава Андреас Шулц. Според мислењето на Кристине Франк од институтот Роберт Кох, мртвите тела кои лежат насекаде не се извор на опасност за развивање на епидемии. „Најголема опасност доаѓа од фекалиите кои ја валкаат водата за пиење“, вели Франк.

Имено познато е дека во случај на нужда и голема жед, луѓето ќе ја пијат онаа вода што им стои на располагање, без оглед каква е. А зе време на тајфунот уништени се како бунарите така и водоводот. Кристине Франк истакнува: „Се плашам дека човечките и животинските фекалии ќе ја контаминираат водата за пиење. Во тој случај би можеле да избувнат разни цревни зарази, хепатитис А и Е како и лептоспироза. Освен тоа и раните на телото полесно се инфицираат поради нечистата вода и нечистотијата воопшто“.

Рај за комарци

„Освен тоа, во услови на поплава и фактот дека одводот на вода не функционира, настануваа вирови и езерца полни со дождовница, кои бавно се сушат. А таму каде што има многу вода, побрзо се размножуваат и инсекти кои истотака се преносители на болести, како на пример маларијата или денга треската“, предупредува пак Кристијан Мајер од интитутот за тропски болести Бернхард Нохт. Тој додава дека уште сега постои голема веројатност за ширење на епидемија поради нечистата вода. „Кога водата еднаш е контаминирана, тогаш е тешко да се спречи избувнувањето на болести и зарази“, вели Мајер. Посебно болести како колерата кои во Азија сѐ уште можат да се најдат на некои места, под вакви услови , многу бргу можат да прераснат во вистински епидемии.

Но според мислењето на Кристине Франк, колерата во тој случај би била само ситен дел од вкупниот проблем: „И тифусот е многу опасна болест која доколку не се знае да се лечи, може да биде смртоносна. Истото важи и за цревните болести, кои инаку не се толку опасни. Но без лекови и тие можат да доведат до смрт. Освен тоа доколку ситуацијата со исхраната е тешка, тоа го слабее ццелокупниот имунолошки систем. Особено кај децата и најмал пролив, може да стане опасен по живот“, наведува Франке.

Philippinen Taifun Zerstörung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Најважно е да се обезбеди снабдување со вода за пиење

Болестите предизвикани од бактерии како и инфицирањето на рани, релативно едноставно можат да се излечат со земање антибиотици. Затоа Франке , неведува дека сега токму тие се најпотребни но и вакцини против тетанус. „Тој проблем се појави во Индонезија по катастрофата предизвикана од цунамито во 2004 година. Всушност сега е најважно на населението да му се обезбеди чиста вода за пиење и храна и да се постават филтери за вода за да не дојде до поголемо загадување на водата“, вели таа

Но дотогаш ќе мора да пројде определено време : „При вакви катастрофи луѓето на почеток секогаш се упатени најнапред сами на себе, со оглед дека помошта сѐ уште не може да стигна. На многу големи острови на филипинскиот архипелаг помош од надвор сѐ уште не е пристигната“, вели Андреас Шулц од организацијата Лекари без граници.