1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Голема победа на "путиновите" партии

8 декември 2003
https://p.dw.com/p/AcRn
Зимска Москва изутрината не се разбуди само со нови 15 сантиметри снег, туку и со променета политичка клима:
голема победа на путиновата партија "Единствена Русија", пораз на комунистите, неочекувано засилување на десните и пораз на прозападно ориентираните либерали. Овој развој ги одбележува вчерашните избори за Думата, чии резултати се уште не се добројани. Изборниот сојуз на претседателот "Единствена Русија" достигна скоро 37 насто, а комунистите на нехаризматичниот шеф Зјуганов одвај до 13. Со таков резултат претседателот Владимир Путин со силна поддршка на Думата ќе може да владее и да ја спроведува својата политика на реформи на таканаречената "исчанчена демократија". Тој самиот ќе се најде на реизбор во март идната година, а на тој пат нема пречки. "Лудото дете" на руската политика Владимир Жириновски достигна преку 12 проценти и веднаш најави соработка со путиновата партија:
"Вие овде во Москва сте сити и задоволни. Но, јас постојано патувам низ земјата. Зад Урал живеат гладни и невработени граѓани. Таму секогаш ја кажувам вистината. Таму во никој случај не живеат приврзеници на комунистите, туку тоа се гласачи на мојата партија". Ионака тешко согледливиот политички пејсаж во Русија е збогатен со уште едно име- "Татковина" која уште на првиот старт освои 8,7 насто гласови. Наспроти тоа демократски ориентираните партии, меѓу нив и онаа на либералниот реформатор Григориј Јавлински нема да бидат застапени во парламентот, иако тој синоќа се уште се надеваше:
"Се зборува за тоа дека колку повеќе станува збор за европскиот дел на Русија, толку е подобро за "Јаблоко".
Разбирливо е како гласаат жителите на далечниот исток.
Тие ги споредуваат условите во кои мораат да живеат".
Комунистите, чии приврзеници ги напуштија, а социјалните теми им ги презедоа други, зборуваат за манипулации и спречувања. Шефот на оваа партија Генадиј Зјуганов вели:
"Искрено речено, во еден ваков срамен спектакл ние веќе не игравме. За мене ова не се избори, туку полициска демократија која нема никаква врска ниту со избори, ниту со демократија".
Конечните резултати се очекуваат подоцна.